Зоран Попоски со НФТ уметнички дела на меѓународен саем во Париз

Македонскиот дигитален уметник Зоран Попоски од денеска до 23 јуни изложува на водечкиот меѓународен саем за дигитална уметност и крипто колекции КАДАФ 2021 во Париз, Франција. Тој се претставува со избор од неговото поново уметничко творештво – дигитални анимации и видео арт како и првите македонски НФТ  уметнички дела.

НФТ (Non-fungible token) претставуваат новост во дигиталната уметност – дигитален токен кој содржи двојна вредност: како форма на криптовалута и како форма на уметност или култура. Неодаменешната продажба во март 2021 на едно НФТ дело преку аукциската куќа „Кристис“ за речиси 70 милиони долари придонесе за брза популаризација на НФТ уметноста.

Ова е второ издание на меѓународниот саем за дигитална уметност и крипто колекции КАДАФ. На саемот ќе бидат претставени 100 светски уметници активни во современите дигитални уметнички медиуми, како што се вештачка интелигенција, виртуелна реалност, генеративна уметност, видео арт, НФТ, и др. Покрај изложбите, КАДАФ 2021 ќе вклучува предавања, дебати и проекции.
Зоран Попоски магистрирал уметност во нови медиуми во Австрија и САД, а докторирал студии на културата во Скопје. Има реализирано над 100 меѓународни изложби и е добитник на повеќе меѓународни награди за уметност.

Сподели