Претставата, која е работена според ремек-делото на Данило Киш, е бајка за возрасни која пука по шевови и низ процепите гледаме документ за примитивизмот на денешницата – вели режисерот Срѓан Јаниќијевиќ
Според лавиринтите на Данило Киш, а во режија на Срѓан Јаниќијевиќ, вечерва во 20 часот ќе се одржи премиерата на претставата „Енциклопедија на мртвите“. Претставата е доминантно на македонски јазик, а дел – и на српски. Се игра во живо надвор од безбедната зоната на театар или на друг начин сигурносно обезбедена локација, така што е невозможно да ги контролираме условите во кои таа се одигрува, објаснува режисерот. За секој што сака да ја проследи, треба да се обрати на фејсбук-настанот на претставата или на Српскиот културно-информативен центар „Спона“, за да добие линк од претставата.
– Се случува насекаде низ градот, па и пошироко, а може и да се игра од кој било дел од планетава и доколку треба, така и ќе ја одиграме. Тоа ù дава додатна возбудливост, но и неизвесност. За секоја изведба публиката ќе добие линк кој после претставата се брише, така што, како и во театар, не може да видите две исти изведби – вели Јаниќијевиќ.
Улогите ги толкуваат: Ивица Димитријевиќ, Слаѓана Вујошевиќ, Владимир Петровиќ, Долорес Поповиќ, Жарко Јовановиќ и Александар Прокопиев. Драматург е Ивана Нелковска, кореограф – Александра Кочовска–Начева, музиката е на Јаниќијевиќ, а дизајнот на плакатот – на Зоран Кардула.

– „Енциклопедија на мртвите“ може да се чита како книга за еросот и танатосот, постмодернистичка литерарна пародија, типичен пример за александријската ера во книжевноста во која документарното се претопува во имагинарно, ерудитска алхемија која ги фикционализира документите и ја документира фикцијата, искршено огледало во кое се огледуваат и/или иронизираат човековата страв и страст, но пред сè, тоа е книга за револтот. Револтот кон системот, револт кон Бога, револт кон реалноста, револт кон злото, примитивизмот, медиокритетството и конечно – револт кон смртта. Киш овој револт мајсторски го крие во ерудитските лавиринти на неговата рафинирана книжевност, но токму таа префинетост тој бунт го прави толку моќен – вели Јаниќијевиќ.
„Енциклопедија на мртвите“ базирана според мотивите на оваа книга го истражува и коментира токму тој револт во еден современ контекст во време кога анти-интелектуализмот на современиот свет станува колективна ментална патологија, додава режисерот.
– Претставата е бајка за возрасни која пука по шевови и низ процепите гледаме документ за примитивизмот на денешницата. Претставата не сака да биде елитистична, напротив таа на префинет начин па дури и со заводлива естетика сака да „шармира и шамара“. Претставата сака да биде видена, како што секој потајно сака да ја види својата смрт, колку и да се плаши од неа. Смртта е неизбежна, но и суштински бесмислена, но неа може да ја победиме само ако на животот му дадеме смисла, нешто од што во овој нов век во кое барем знаењето ни е скоро бесплатно бегаме како „ѓавол од темјан“ – вели Јаниќијевиќ.
На претставата се работи од пред две години, а целата „Енциклопедија“ авторите ја сместиле во современиот контекст на пандемијата.
– Кога почнавме да ја работиме претставата во услови на пандемија бидејќи театрите беа затворени имавме само два услова: да се игра во живо и публиката да ја гледа во живо. Целиот процес се одвиваше во сајберпростор и никогаш не се видов со актерите во живо за да одржиме проба, консултација итн. И покрај тоа што е навистина тешко да се пренесат идеи, контексти, индикации, но пред сè и емоции преку онлајн-видеоплатформи (особено за вакво комплексно ремек-дело на големиот Данило Киш), можам да кажам дека посебно уживав во работата и сигурно ова нема да ми биде последна ваква претстава. Нормално, ова немаше да биде возможно доколку немав вака посветена и отворена за експеримент екипа за што сум им особено благодарен. Додека ја гледам претставата ни самиот веќе не знам што е реалност, а што фикција – објаснува Јаниќијевиќ.
Во рекламите за претставата, стои дека таа веќе освоила награди и има исечоци од три весника. Тоа е лажна вест и има врска со една од приказните во претставата. Продуцент на претставата е Српскиот културен центар „Спона“, а проектот го поддржаа Општина Центар и Министерството за култура.
Насловна фотографија: Горан Димов





