Дефицитарна професија од која одлично се заработува – прва Академија за груминг во Македонија

Месечната заработка на еден квалитетен македонски грумер (стилист за домашни миленичиња) надминува 1.000 евра нето и таа ќе расте, вели Илија Петковски од Скопје, сопственик на Груминг салонот „Туту“ и иницијатор на првата Академија за груминг во Македонија

Професионалниот груминг во Македонија е во зародиш и нуди одлични можности за заработка. Ова е дефицитарна професија и во момeнтот во Македонија има работа за 300 добро обучени грумери. Месечната заработка на еден квалитетен македонски грумер надминува 1.000 евра нето и таа ќе расте, вели Илија Петковски од Скопје, сопственик на Груминг салонот „Туту“ и иницијатор на првата Академија за груминг во Македонија. Академијата трае десет недели, а пријавувањето е во текот на целата година.
Петковски пред неколку години со семејството се врати од Франција каде живееше дваесетина години за да почне нов бизнис на полето на нега и грижа за домашните миленици. Вели дека одлуката му била правилна.

Како дојдовте до идејата да ја организирате првата Академија за груминг во Македонија?

– За да можеме коректно да одговориме на неверојатниот интерес за обука во оваа нова професија со голем потенцијал за развој во Македонија, со екипата на Пет академијата се одлучивме пријавувањата да бидат постојано отворени целата година и да имаме формирање групи на месечно ниво. Поради недостиг на какви било стандарди кои ќе ја дефинираат оваа професија, ние се инспириравме од обуката која ја следевме во Париз, каде живеевме повеќе од 20 години, но исто така и од содржините на најдобрите академии за стилисти на кучиња од САД и во Велика Британија.

Што ќе им понуди Академијата на заинтересираните студенти? Што ќе научат во 10-те недели колку што е предвидено да трае?

– Без никаква претенциозност, можам да кажам дека не постои ниту една груминг Академија која нуди покомплетна обука од нашата. Пет академијата не покрива само технички аспекти поврзани со грумингот, каде сигурно постојат несомнено поквалитетни Академии во развиените држави, меѓутоа нашата сила е тоа што нудиме целосна обука на слушателот од докажани професионалци во секоја дејност:

  • Каква фирма е адаптирана на мојот проект (права и обврски за ДООЕЛ, ДОО, занаетчиска фирма…), средби со институции за грантови и друга помош;
  • Како до вработување во Германија или Франција;
  • Кои се гестовите за прва помош на миленик повреден при третманот, кој е протоколот кој треба да се следи и како да се превенираат таквите ситуации;
  • Која опрема е квалитетна и како да се одржува;
  • Што значи протокол за хигиена на опрема, просторија и вработени преку стерилизација и дезинфекција;
  • Како да направам солиден бизнис план адаптиран на моите амбиции и можности;
  • Дали моето сетирање на социјалните мрежи и маркетинг пристап се правилните, од лого до сајт.

Каде ќе се одржуваат, кој сè ќе ги држи предавањата, од кои области?

– Предавањата се одржуваат во просториите на салонот „Туту“ во центарот на Скопје, позади грчката амбасада, а меѓу предавачите е најпознатиот македонски и регионален ветеринарен доктор Димче Велковски, сопственик на најголемата македонска ветеринарна клиника, „Ветеринарен центар“. Потоа, Татјана Петковски која е талентиранa стилистka за кучиња, креатор и прва ножица во салонот „Туту“. Габриела Ердман која е сопственичка на реномиран салон во Германија. Меѓу предавачите се и Ивица Пигуловски, сопственик на неколку успешни стартап фирми од секторот маркетинг. Јас, Илија Петковски, со петнаесетгодишно искуство на раководни позиции на големи француски меѓународни конзорциуми во Европа и на други континенти. Раде Милевски кој е неверојатен искусен психолог за кучешко однесување. Фредерик Лапланш со која соработуваме во делот на врвната француска природна и органска козметика.

Подолго време сте во оваа дејност во Скопје. Каква е состојбата со грумингот во Македонија? Колку грумери има, на кое ниво е професионалноста во оваа струка? Може да наброите неколку последици од невнимателен груминг?

– Професионалниот груминг во Македонија е реално во зародиш. Во следните пет години ќе имаме револуција и поставување стандарди, не само во овој сегмент на негување куче, туку општо во пет културата, што аматеризмот ќе се ограничи и ќе биде во тренд на исчезнување. Еволуција на грумингот е паралелна и пропорционална со културата на одгледување на кучиња. Насилството што се случуваше врз кучињата сосема транспарентно и квази-нормално пред десетина години, денес е почесто, иако сосема недоволно, осудувано од делот на сопствениците кои имаат поголема свест. Денес, за жал, сè уште постојат места каде се шиша во несоодвенти услови, опрема, во отсуство на протокол за хигиена, се кријат кучињата од сопствениците за време на третманот, постојат седации и агресии врз милениците за да се изврши евтин груминг на многу кучиња за еден ден… Сето ова резултира со истрауматизирани кучиња, агресии, стравови, ширење на заразни болести, воспаленија, труења, повреди на око, уво или други витални органи, а понекогаш и за жал, со смрт на миленикот.

Каква перспектива нуди оваа професија во Македонија? Има ли клиенти за професионални грумери?

– Секако. Професијата е крајно дефицитарна и пазарот моментално има потреба од 200 нови салони ширум Македонија и од прилика 300 нови добро обучени грумери кои ќе ги почитуваат професионалните стандарди и начела на професијата кои ги наметнува Пет академијата за да се добие квалитет во оваа дејност. Месечната заработка на еден квалитетен македонски грумер надминува често 1.000 евра нето и таа ќе еволуира со квалитетот на услугите.

Имате интересна приказна, пред неколку години се вративте со семејството од Франција за да отворите Груминг салон во Скопје кој на клиентите им понуди нови стандарди во услугите. Во години на интензивна емиграција од Македонија, Вие се вративте за да почнете нов бизнис. Колку беше правилна оваа одлука?

– Интересно е токму тоа што нашето семејство е опкружено со луѓе кои го направиле истиот чекор и после успешни кариери во странство, финансиски и семејно се инсталираат повторно во Македонија каде имаме можности за високо квалитетен приватен живот во асоцијација со професионален ангажман со предизвикувачки можности. Имаме и пријатели кои се странци, пред сè од старата Европа и сега среќно живеат во Македонија и регионот на иднината. Местото на живеење е моментална состојба која треба да соодветствува со моменталната ситуација на една индивидуа. Кадарот кој масовно заминуваше и заминува од Македонија, во најголемиот дел, не е најквалитетниот и најквалификуваниот за емиграцијата да има загрижувачки пропорции. Најдобрите македонски програмери, доктори, инженери… во најголем дел се сепак, тука во Македонија.

Илија Петковски

Според мене емиграцијата на долг рок има многу бенефити за самата земја и за луѓето кои живеат во неа, но и на краток рок за оние кои заминуваат или пак се враќаат. Динамиката на тие движења ќе биде поинтензивна и тоа е добро за нови искуства и квалитет во сите сегменти за прочистување на системите. Стагнацијата е тоа што е најтешко и тотално неповолно, зашто кога тие движења и размени се оневозможени се создава затупување на разумот и девијантни појави како во општеството, така и во оваа нова и надежна струка во Македонија. Да, одлуката моментално е правилна и сè додека е тоа така, таа ќе биде актуелна Доколку моменталната состојба се промени, така и одлуката ќе ги следи тие моментуми за друга правилна одлука која исто така ќе соодветствува со новонастанатата ситуација, бидејќи ништо не е вечно и сè се менува.

Сподели