Таков бистар и едноставен научен ум нема скоро да се роди, вели проф. д-р Венко Андоновски
Некаде во 1992 година ја имав првата средба со Блаже Конески во четири очи. Правевме симпозиум на Филолошкиот факултет, посветен на професорот Кирил Пенушлиски и јас добив задача да појдам до МАНУ и да го замолам академик Конески да ми соопшти тема за симпозиумот. Влегов кај него со огромна трема. Со мало џебно ноже лупеше јаболко и го споредуваше по којзнае кој пат својот препев на Његошевиот „Горски венец“ со оригиналот. Постојано си откриваше пропусти и изнаоѓаше нови решенија. Кога влегов, ми објасни што прави, иако јас ништо не прашав – се потсетува проф. д-р Венко Андоновски на својата прва средба со Блаже Конески. Во годината кога се одбележуваат 100 години од раѓањето на Конески, Умно.мк објавува серија разговори посветени на нашиот великан.
Андоновски продолжува да раскажува:
– Потоа ми ја соопшти темата, а јас ја запишав. Се сеќавам, гласеше „Сонце бонце, богово јајце“. Не ми даде ниту ред „апстракт“, а мене ми беше непријатно да го прашам за што всушност ќе говори, зашто, ако прашав, ќе го откриев своето незнаење. Не ми беше позната таа изрека. Кога по некој месец се одржа симпозиумот, Конески одржа прекрасна неколкуминутна анализа на овој фолклорен израз и мене ми се разјасни митолошкото значење на неговата тема. Го кажа тоа, како и секогаш – јасно, непретенциозно, без ниедна фуснота, но сите почувствуваме дека зад тие негови пет „едноставни“ и „лесни“ за слушање минути стојат години и години проучувања и купишта книги и фусноти. Таков бистар и едноставен научен ум нема скоро да се роди. И, кога го испраќав од факултетот до паркингот (јас бев задолжен за тоа), на кој го чекаше возач од Академијата, забележав дека неодамнешниот снег веќе се топи на мермерните скалила и дека е многу лизгаво. Инстинктивно, подадов рака кон него за да му помогнам, зашто тешко се движеше, а тој застана, ме погледна со поглед кој значеше „Можам сам“, но, за да не ме навреди, ја пренамени функцијата на мојата подадена рака. Ја прифати пријателски, ја стегна и рече: „Паметно предлагате, да се поздравиме сепак овде. Вратете се во салата, има уште убави излагања. Многу ви благодарам што ме поканивте.“ И потоа си замина сам, а јас гледав како чекори по лизгавиот мермер. Ми беше јасно дека е тоа човек кој имал искуство со многу полоши нешта од лизгав терен – ја завршува Андоновски својата анегдота.

Блаже Конески (лево) и Венко Андоновски / Извор: Youtube
Што одговара Андоновски кога студентите би го прашале зошто Конески е толку важен за македонската книжевност?
– Би им одговорил дека Конески е галаксија. Не е планета, не е ѕвезда, туку галаксија. Конески е дел од истата вселена во која како осамени планети ги имаме нашите преродбеници од деветнаесеттиот век: Миладиновци, Прличев, Цепенков, Жинзифов. „Планета“ на старогрчки значи токму тоа: осаменик, скитник. Сите тие великани, претходници на Конески, немаат своја држава и затоа се планети што лутаат од култура до култура, од народ до народ, од јазик до јазик, од македонски дијалект до македонски дијалект. Планети се и првите наши писатели и интелектуалци од дваесеттиот век: Мисирков, Чернодрински, Крле, Панов, Иљоски, Рацин… Сите тие се планети зашто работат без своја држава; тие се репрезенти на една вонинституционална македонска култура, култура без државност. Но, Конески е галаксија, зашто тој веќе е феномен на една државност. И не само затоа што го оствари со кодификација на јазикот она што го предложи Мисирков, и не само затоа што ги допеа Миладиновци, Прличев и Рацин во поезијата, и не само затоа што го преобрази Крале Марко од нашиот фолклор (за кој интерес покажуваа многу светски собирачи)… туку затоа што во таа галаксија на Конески сме и сите ние, денешните соѕвездија на македонската книжевност: реалисти, модернисти, авангардисти, постмодернисти, дури и помодните „-исти“ што копираат лесни странски бестселер писатели и создаваат читлива забавна книжевност… Сите сме од неговата галаксија, таа на Конески. За првпат имаме гравитација што нѐ држи заедно, да не се разлетаме… – вели Андоновски.
Делото на Конески е капитално, магистрално и како такво се чува само со постојано препрочитување, палимпсестно допишување, доѕидување и доградување, додава професорот.
– Тоа се отворени дела кои бараат во нив да заживеат генерации и генерации толкувачи. Тоа се дела кои апсорбираат книжевни планети, ѕвезди и соѕвездија, и затоа реков дека Конески е галаксија. Конески е човек-епоха. Таа галаксија се чува на тој начин што во неа се учествува. Не сум сигурен дека доволно се вградуваме во таа галаксија. Гледам со што сѐ се занимава нашата актуелна критика, и многу често се тоа безвредни дела и писатели, речиси тривијалности, макар и да се во мода. Како да имаме уплав од галаксијата Конески, како да не ни се верува дека ја имаме, дека е наша. Атанас Вангелов, со последната книга за Конески, со која ја доби наградата „Димитар Митрев“ ни покажа како се прави тоа на еден сјаен, светски научен начин: како се чува капиталното дело на Конески, преку вдахнување нов херменевтички дах во него – категоричен е Андоновски.
Венко Андоновски на промоција на Винка Саздова
Тој е професор на Филолошкиот факултет, којшто го носи името на Блаже Конески. Од година в година, за жал, се бележи се помал интерес за изучување на македонскиот јазик и литература. Андоновски е дециден дека тоа е пораз на политиката, не на филологијата.
– Државата нема свест за тоа што значи мајчиниот јазик. Сум пишувал сто пати: таа мора да го заштити својот јазик како да е ендемски вид во изумирање, како македонскиот рис. Стварноста денес е таква: глобализацијата, бришењето на малите култури, војната меѓу светски империјалните јазици не оставаат простор македонскиот јазик и македонската книжевност да ги третирате како конкурентни за студирање со другите колонизирачки јазици и книжевности. Морате да понудите баснословни стипендии за оние кои сакаат да студираат македонска книжевност и јазик. Да ги цените како ретки проповедници на нешто што не е за продажба ниту за пуштање на „слободен пазар“. Треба да ги изберете најдобрите, да направите од нив македонисти кои знаат по неколку светски јазици, да им ветите вработување, а најдобрите од нив да ги пуштите по светот, да проповедаат за нашата книжевност, култура и јазик на сите јазици, а пред сѐ на македонски. Уморен сум од тоа постојано повторување. На глуви уши не вреди да им пееш – завршува Андоновски.






