Оваа монодрама е всушност мојот креативен одговор на целиот изминат период. Се радувам многу на средбите со публиката, бидејќи само со неа нашата професија има смисла – вели актерката која повеќе од 20 години е стожер на Драмскиот театар
Таа е една од актерките – стожери на репертоарот на Драмскиот театар. Повеќе од две децении Биљана Драгиќевиќ-Пројковска се впишува во мемоарите на овој театар со своите врвни улоги, главни, споредни, такви кои секогаш се паметат. Почнувајќи со наградата за млад актер на ревијата „Екран“ во 1998 година, само една година по дипломирањето на Факултетот за драмски уметности, таа има освоено две награди на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп – за улогата на Кејт во „Жената како воено поле“ (2010) и „Животот е прекрасен“ (2016).
Монодрамата „Кармен“ во режија на сопругот Дејан Пројковски е нејзиниот последен проект, чија премиера е вечерва во 20 часот. За сценските движења се погрижи Олга Панго, сценографијата е на Валентин Светозарев, костимографијата – на Раде Василев, а музиката на Горан Трајкоски. Елена Бојаџиева е авторка на фотографиите и за дизајнот на плакатот.

Како се роди „Кармен“ на сцената на Драмски?
– „Кармен“ ја работевме според романот „Пет часа со Марио” од шпанскиот автор Мигел Делибес – писател што има три номинации за „Нобелова награда“, добитник на највисоките признанија за литература како што се наградите „Дон Кихот“ и „Кралот на Шпанија“. Имавме навистина креативен и возбудлив процес. На почетокот беше предизвикот како еден огромен материјал од романот да се драматизира и да добиеме материјал за монодрама. За време на пробите на сцена се обидувавме романот да го преведеме на јазикот на театарот. Ни беше многу важно да го пренесеме светот на Делибес на сцена и мислам дека создадовме многу интересен и специфичен театарски јазик. Ликот што го играм е Кармен, жената преку која ги гледаме сите пропаднати животи и соништа, ја гледаме малограѓанштината, лажниот морал, заблудите, пропаднатите идеологии. Кармен е огледалото на малограѓанштината. Таа е жена која се бори и цел живот барала начин како, и покрај својата просечност, сепак да живее живот како на филм. Претставата има комичен вкус со мали примеси на трагично, бидејќи можеби трагикомедијата најточно го опишува светот и животот на луѓето.
Пандемијата и ограничувањата на условите за работа влијаат врз сите нас, веројатно на креативните процеси уште повеќе. Имавте ли таков товар во подготовките?
– Она што сите треба да го правиме е да се придржуваме и да ги почитуваме мерките, а што се однесува до театарот – или го работиш со срце и душа или не го работиш. Оваа монодрама е всушност мојот креативен одговор на целиот изминат период. Се радувам многу на средбите со публиката, бидејќи само со неа нашата професија има смисла. Публиката веќе започна да доаѓа на претставата така што заедно играме, се забавуваме, се радуваме на театарот и го славиме животот.
По подолго време соработувате со Вашиот сопруг, конкретно на монодрама. Беше ли тоа голем предизвик и за двајцата?
– Со мојот сопруг соработувавме пред 20-ина години на претставата „Падот на невиноста“ во Драмскиот театар. Потоа секој сам го градеше својот уметнички пат. И еве сега се спојуваме заедно во мојата монодрама кога веќе и двајцата имаме определена уметничка зрелост. Процесот беше навистина прекрасен и многу, многу возбудлив. Многу се радувам што заедно со Дејан на претставата работеше и неговиот авторски тим, така што сите заедно создадовме многу интересен и луциден театарски чин.

Театрите се долго време дистанцирани од публиката. Видовме малку иницијативи за онлајн-перформанс, претстава, посебно од националните театри. Можеа ли подобро?
– Секогаш може подобро, но и полошо. Театарот е уметност која постои само кога се игра во живо, кога се раѓа и умира во очите и срцата на гледачите. Сите други форми и начини да се прави театарот, како што се онлајн-перформанси според мене се некаков друг медиум и треба да се прават, но тоа не е театар. Театарот може да се случува само во живо, сега и тука. И токму во тоа е совршенството и посебноста на театарот.
Што најмногу Ви фали од театарското живееење?
– Посакувам што поскоро единствените маски да бидат театарските, а сите други да исчезнат веднаш онака како и што се појавија. Ми недостигаат преполните салони, но се надевам дека пополека се враќаме кон тоа. Овие денови секоја вечер го слушам аплаузот на публиката, а тоа е најголемата радост и смисла на актерската професија.
Работите и како кастинг-директор за повеќе филмски и ТВ-проекти. Какво е чувството кога ќе успеете да ги пронајдете „вистинските“ актери, лица за одредена идеја?
– Изминатите години работев како кастинг-директор на повеќе проекти. Би ги издвоила серијата „Преспав“, потоа детската серија „Пет плус“. Ова е работа што ја работам со задоволство, бидејќи можам да се дружам и соработувам со актерите од сите градови, со студенти, па и со оние најмалите актери кои сѐ уште седат во училишните клупи. Има нешто детективско во работата како кастинг-директор, бидејќи треба да се пронајде вистинскиот актер според претходно дадениот опис. Но, исто така многу се радувам кога откривам нови актери или кога ќе успееме некој актер да го прикажеме во потполно друго светло.

Биљана Драгиќевиќ-Пројковска во сцена од претставата „Странци“ на Нела Витошевиќ
Преку ликот на Петко веќе години успевате да ја имате и детската публика покрај себе. Се појавија уште неколку детски серии, ликови, верувате ли дека се придвижуваме од нулта точка и дека повеќе се размислува за негувањето на идната возрасна публика?
– Секоја генерација има свои херои… Зборувам во множина, затоа што мислам дека баш таа различност на ликовите со која децата растат ја разбудуваат детската фантазија… Јас Петко многу го сакам и мислам дека е најслаткото куче на светот, но мислам дека последните години е направен вистински бум со појава на повеќе серии од различен формат, играни, анимирани. Секоја од сериите е со различен карактер и секоја е доволно мудра за да го освои детското срце. Новите генерации имаат можност да гледаат сѐ што ќе посакаат врзано за детска програма, но ние сме пресреќни што тие, сепак, одбираат детски емисии на македонски јазик и уживаат во различноста на детските карактери. Новите генерации треба да растат со добрина и мудрост. Да се надеваме дека ќе бидеме доволно влијателни за новите генерации да бидат многу подобри од нас.





