Македонската актерка Сара Климоска вчера во Берлин ја прими наградата „Европски актер во подем“ (Shooting star)“, што ја доделува платформата Европска филмска промоција. Поради ковид-панедмијата, врачувњето на наградите беше одложено, иако Берлинале вообичаено се одржува во февруари. Годинава 71.издание се одржа во март, но сите фестивалски награди ќе се доделат најдоцна до 20 јуни.
Климоска е меѓу 10-те актерски таленти во подем во Европа. Ѕвездата на „Врба“ на Милчо Манчевски е номинирана од македонската Агенција за филм, а во изборот се и млади таленти од Германија, Франција, Холандија и Шведска.
Наградата ја добива за улогата во дебитантскиот филм на Игор Алексов, „Лена и Владимир“, во продукција на „Минд“, според сценариото на Александар Русјаков.
– Глумата на Климоска истовремено е шармантна и игрива, интензивна и застрашувачка – вели жирито на наградата.
Тројца македонски актери досега ја добиле наградата – Лабина Митевска во 1998, Наташа Петровиќ во 2011 и Благој Веселинов во 2019.