Овој ден му го посветуваме на човекот кој многумина го паметат како архиепископ, а има голема важност за образованието во Македонија. На денешен ден во 1912 година е роден Ѓорѓи Милошев, познат како г. г. Гаврил, третиот архиепископ по возобновувањето на Македонската православна црква.

Дипломирал на Филозофскиот факултет во Скопје во 1936 година, на отсекот германистика и славистика и бил првиот претседател на Друштвото на преведувачите на Македонија. Во повоениот период, поради потребата од високообразовани кадри, бил принуден на неодредено време да престане активно да се бави со свештеничката дејност и целосно да се посвети на просветата. Од 1949 година почнал да работи во Државното книгоиздателство на Македонија – Скопје (подоцна „Просветно дело“). Скоро триесет години тој му се посветил на учебникарството и на просветителството, односно на усовршување и стандардизирање на македонскиот литературен јазик. Во овој период тој составил и издал прирачници, учебници, речници и училишна литература, па дури и периодика. Посебен бил неговиот научен пристап кон делата на Кочо Рацин и Војдан Чернодрински. Милошев е еден од првите истражувачи од македонскиот научен свет кој се појавил со написи и анализи за опусот на поетот Кочо Рацин. Како плод на неговата неуморна работа, за првпат во овој период за потребите на богослужбата, биле преведени и издадени на македонски јазик Евангелијата и Апостолот. Издавач на ова дело бил Иницијативниот одбор за организирање на МПЦ. Се замонашил во 1977 година и по хиротонисувањето за архиереј во 1986 година бил и прв декан на Богословскиот факултет во Скопје. Тој ги продолжил веќе започнатите проекти на неговиот претходник Доситеј – изградбата на црквата „Св. Климент Охридски“ во Скопје, формирањето на Богословскиот факултет и издавањето на Библијата на македонски литературен јазик. Процесот на целосен превод на Библијата на современ македонски јазик, го започнал веднаш по ослободувањето. Капиталното дело, целосно било завршено во 1990 година, кога и излегло од печат. Архиепископот Гаврил се повлекол од престолот во 1993 година поради старост. Починал на 4 март 1996 година и е погребан во манастирот „Свети Наум“ во Радишани крај Скопје.

Фото: Pixabay

Фото од г.г Гаврил: Wikipedia

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.