Основното училиште „Аврам Писевски“ во скопско Бардовци во второто полугодие од оваа учебна година беше дел од меѓународниот е-твининг проект „Палеографски амбасадори -2021“. Во проектот учествуваа и училишта од Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија и Албанија. Појдовната точка на проектот е Меѓународниот ден на мајчиниот јазик – 21 февруари, ден кога почнале активностите меѓу училиштата.
Учениците и наставниците следеа предавања поврзани со палеографијата (грчки: παλαιός+ γράφω – старо писмо), односно го истражуваа потеклото на азбуките на четирите словенски јазици – македонски, српски, босански и хрватски, стекнаа нови знаења поврзани со првите документи напишани на истите, им оддадоа почит на познати писатели и поети кои дале придонес за афирмација на четирите јужнословенски јазици.
– Овие предавања го овозможија вториот, позначаен дел од проектот, активностите на главните актери во проектот – учениците. Тие имаа можност активно да учествуваат во дискусиите на предавањата, да се испирираат од нив и да создадат свои оригинални и креативни творби и активности – стрипови, цртежи, презентации. Секое од предавањата беше проследено со игри и квизови, поттик за детскиот дух и желба за учење – велат од „Аврам Писевски“.

Целта на проектот е, преку обединувањето на учениците и наставниците од различни училишта на меѓународно ниво, да ги слави особеностите на секој мајчин јазик, но и она што ги сплотува со акцент на развивањето на детската креативност, активно учество, желба за негување и почит како кон својот мајчин јазик, така и кон јазикот на соседите.

 

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.