Уметност, наука, образование… Авантура која ја нарековме Умно.мк. Акронимот произлезе од областите кои сметаме дека треба да бидат начела, темел на едно здраво општество. Тргнувајќи од ставот дека Македонија е земја со богато културно минато, во кое длабоко се испреплетени корените на образованието, на кои природно се надоврзува науката која веруваме дека би била сјајна кога научниците би добиле шанса, решивме да создадеме медиумски простор токму за овие области.
Умно.мк ќе биде место за сите интелектуалци и креативни луѓе кои сакаат да придонесат Македонија да почне да се менува. Низ долгогодишната работа увидовме дека оваа земја има човечки потенцијал, но тој треба правилно да се искористи. Умно.мк ќе биде простор каде јавно ќе зборуваме за проблемите во културата, образованието и науката. Проблемски ќе ги анализираме нештата, јавно ќе дебатираме, ќе конфронтираме мислења и ставови. Целта е преку конструктивна дискусија да ја подигнеме свеста за култура и уметноста, науката и образованието и да понудиме конкретни решенија кои може да се имплементираат во ова општество.
Ние, во Умно.мк веруваме во идеали. Можеби нема да ги постигнеме, но кон нив мора да се стремиме. Тргнавме од потребата да дишеме слободно. Како се развиваше идејата сфативме дека имаме многу истомисленици. Го имавме предвид фактот дека медиумскиот простор е презаситен од онлајн-информации на медиуми и „медиуми“. Факт е дека лажните вести и понатаму ги задушуваат вистинските, затоа одлучивме да дадеме свој придонес во борбата со најголемото зло во интернет-просторот – манипулацијата со информации. Ќе создаваме авторски содржини кои ќе ги поткрепиме со богатото новинарско искуство.
Умно.мк нема да биде простор за политички препукувања, безобразни навреди, ниски форми на дијалог и комуникација. Веќе постојат доволно медиуми каде секој може да си ги искаже овие страсти. Тоа не значи дека нема да биде простор за искажување на политички ставови и убедувања, но правилата на културно однесување и дебатирање мора да се задржат.
Во Алтамира и Ласко пред илјадници години човекот ги нацрта првите пештерни слики и со уметност покажа дека длабоко во себе чувствува порив што го тера да оди напред. Од египетските мудреци кои ги набљудуваа ѕвездите, преку Питагора и неговата теорема за правоаголниот триаголник, сесловенските просветители кои описменија половина Европа, до 21. век кога човекот планира да населува други планети. Да се обидеме умно да еволуираме.