Во КСП Центар – Јадро вечерва ќе биде отворена самостојната изложба на младиот графичар Стефан Младеновски, кој ќе изложи 19 дела во голем формат
Деветнаесет дела во голем формат, од кои поголемиот дел се работени во 2021 година, од денеска ќе бидат изложени во КСП Центар-Јадро на младиот автор Стефан Младеновски. Изложбата е насловена „Слики“. Стефан Младеновски е автор од помладата генерација графичари кои ја прават сцената попровактивна и поквалитетна. Или како што вели самиот, не сонувам, туку посакувам да „придонесам за одржување на квалитетот на македонската ликовна сцена, секако доколку моето творештво во иднина се препознава како такво“. Младеновски ги создава делата со примарни рефлексии низ ритмирање на секое сетилно бранување, вели проф.мр Мирко Вујисиќ.
фото: „Раце“ (позитив – негатив) 2020
Младeновски дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, оддел графика, во класата на проф. м-р Зоран Јакимовски. Горд е што во 2018 година ја добил студентската награда за графика „Драгутин Аврамовски – Гуте“. Во пандемиската 2020 година стана член на Друштвото на ликовни уметници на Македонија на чии изложби учествуваше со свои дела. Во изминатите две години во галеријата на Младинскиот културен центар во Скопје реализирал две самостојни изложби „Дела на хартија“ (2019) и „Ликовни решенија“ (2020). Вели засега не е сигурен дали ќе ја продолжи низата на самостојни изложби, може да се случат и две, вели Младеновски. Во изминатите неколку години учествувал на повеќе групни изложби во земјава.
Ви го пренесуваме интервјуто што беше објавено на интернет-страницата на онлајн-галеријата Фрида.мк.
Графиката е вашиот избор. Што најмногу Ве фасцинира во оваа ни малку едноставна ликовна дисциплина?
– Да, графиката е мојот избор уште од средно, па продолжи на дипломските, а еве сега и на постдипломските студии. Така што може да се каже дека сум целосно врзан за неа, но колку сум графичар, толку сум цртач и сликар. Инаку, ме фасцинира длабокиот печат во кој постојат многу можности, опции и непредвидени моменти за кои мора да пронајдеш начин да се справиш. Точно е дека е тешко и комплицирано, бара многу време, физичките и хемиските процеси се доста напорни, но сето тоа на крајот резултира со високи ликовни квалитети и вредности.
За кое дело го добивте признанието „Драгутин Аврамовски – Гуте” и дали наградата да Ве измотивира во творештвото понатаму?
– Признанието го добив за графиката со наслов „Звуци”, работена во техниките бакропис и акватинта. Дело во кое првпат целосно се тргам од фигуративност и асоцијативни елементи, исто така е и дело кое е претходник на серија графики кои следат и ја формираат мојата дипломска работа. Па, не би рекол дека наградата ми даде некаков посебен мотив, тој период работев активно, што значи и без неа ќе продолжев со исто темпо. Но, секако, големо задоволство е да се има студентска награда која го носи името „Драгутин Аврамовски – Гуте”, уметник кој има посебен придонес во развитокот на современиот графички израз во Македонија.
„Вртлог“, акрил и молив на хартија
За многумина 2020 беше година на изолација, стагнација, повлекување. Ако се фрли поглед на Вашите уметнички активности, може да се каже дека не ѝ се предадовте на летаргијата. Кои ви беа најинтересните изложби и настапи?
– Наспроти целата ситуација, за мене 2020-та беше прилично активна година. Во 2020 дипломирав, станав член на ДЛУМ, учествував скоро на сите изложби на друштвото за таа година, запишав втор циклус студии и пред крајот на годината се случи втората изложба во МКЦ, кајшто галеријата ја делевме со мојот другар Давор Кешќец. Ете, ќе посочам дека баш таа изложба ми беше најинтересен настап, покрај целата ситуација имаше добра посетеност и сметаме дека се претставивме успешно и квалитетно.
Тежок ли е патот на еден млад уметник во Македонија да ги направи првите чекори за да и се приближи на публиката? Отворени ли се институциите за соработка?
„Немир“, акрил на хартија
– Патот секако е тежок и напорен, потребно е многу труд, истрајност и активна работа, но сметам дека тоа така оди во секоја област. Општо за институциите не сум запознаен, затоа што моето искуство со организирање самостојна изложба досега било само со Младинскиот културен центар во Скопје, а еве сега и со „Јадро“ и двете искуства се позитивни. Искуството со изложбата во „Јадро“ ми е одлично – се мисли на секој детаљ, а и галерискиот простор е многу убав. Му благодарам на Ѓорѓе Јовановиќ, кој беше главен организатор на изложбата
Сонувате ли Вашите дела некогаш да ги красат ѕидовите на некој светски музеј, галерија?
– Искрено немам некаков сон и сѐ уште не сум размислувал за лични излагања низ светски музеи и галерии, не сум ни баш сигурен дали ми се допаѓа тоа што таму се сервира. Целта ми е, пред сѐ, да останам активен на нашата македонска ликовна сцена и да придонесам за одржување на квалитетот на истата, секако, ако моето творештво во иднина се препознава како такво.
УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.