Трогнува секоја човечка приказна каде животот ја покажал суровата страна, а такви приказни во нашата држава има за жал многу, вели Иле Михајловски

„Хуманитарни акции започнувам секогаш кога има потреба. Во целиот мој работен век сум организирал акции за собирање училиштен прибор, храна, облека, помош во лекови и најчесто биле наменети за деца од ранливи категории. И кога помошта им била потребна на семејства, таргетот бил првенствено на децата“, вели Иле Михајловски, наставник во основното училиште „Кирил и Методиј“ во Свети Николе. Тој во изминатата година успеа да обезбеди околу 40 дигитални уреди и еден куп училиштен прибор за ученици од ранливи семејства. Неколку постови на социјалната мрежа Фејсбук покренаа луѓе од цела земја и од Германија да помогнат и барем малку да им го олеснат образованието на децата во тешката пандемиска година. Со Михајловски разговараме за предизвиците во изминатата учебна година, за донаторските акции, за хуманоста.

Заврши една специфична учебна година. Во неколку реченици, како би ја опишале?

– Тешко е да се опише со реченици, камоли во неколку. Би рекол беше година на предизвици, година во која си го покажавме лошото, но и доброто во себе, себичност и добрина, човечност и злоба. Година на емотивни метастази кај луѓето. Учебната година беше година на предизвик, креативност, бессони ноќи и работа. Година во која најважно беше да се задржи фокусот на емоционалното здравје на учениците и поттик во ова „ново нормално“ време да дадат максимум од себе. Не беше лесно во секој случај. Чувствувам потреба да им се поклонам на сите наставници во државата и покрај сите напади и сомневања во нашата работа. Го дадоа максимумот за доброто на своите ученици во услови на пандемија! Секоја ви чест!!!

Подолго време, пред секоја учебна година организирате акции – собирање боички, моливи, тетратки, потрошен училиштен материјал. Кога и како почнавте со оваа активност и кому е најмногу наменета?

– Хуманитарни акции започнувам секогаш кога има потреба. Во целиот мој работен век сум организирал акции за собирање училиштен прибор, храна, облека, помош во лекови и најчесто биле наменети за деца од ранливи категории. И кога помошта била потребна на семејства, таргетот првенствено бил на децата. Прослава на родендени на деца од социјално загрозени семејства, помош за деца со посебни потреби, помош во адекватен наставен материјал, адаптирани уреди, адаптиран софтвер. Им благодарам од срце на сите хумани луѓе кои ги препознавале моите добри намери во секоја од акциите и несебично помагале. Без нив, секако ќе беше потешко.

Пандемијата од ковид-19 и префрлувањето на наставата онлајн поттикна една уште една донаторска акција. Како почна собирањето компјутери, таблети и дигитални уреди?

– Лани во септември ја започнав акцијата за собирање на училиштен прибор за да им се помогне на деца кои во пандемиска година го немаа најосновното. Од обична објава на мојот ФБ-профил почнаа да се јавуваат мои пријатели, колеги, соработници, пријатели кои живеат во странство, неколку локални компании, обични граѓани хумани до срж. Неколку интернет портали ја споделија приказната, па допревме до повеќе луѓе. Со помош на сите нив успеав да соберам и споделам околу 180 пакети со училиштен прибор во 3 основни училишта и една градинка.

Слично почна и идејата за собирање и на ИТ уреди. Како почна учебната година, забележав дека не секое дете вклучено во настава на далечина има потребен уред за да биде активно во наставата. Повторно преку објава на мојот ФБ профил почнавме да собираме десктоп компјутери, лаптопи и таблети. Пристигаа од повеќе места и лица. Од сограѓани кои сами ми пишуваа пораки и ми носеа функционални уреди, компанијата „Лион “ од Свети Николе донираше 4 десктоп компјутери со сите елементи потребни за онлајн настава, компанијата „Данита Ник“ донираше 3 лаптопи, монитори, сервисерски услуги. Ме контактираше администратор на групата „Македонци во Германија – Makedonier“, Петар Наумовски кој со помош на наши хумани иселеници во Германија сакаше да се приклучи во двете акции. Така до мене стигнаа 3 пакети од Германија кои беа поделени на најранливи категории на деца. Тие стапија во контакт и со неколку други наставници во државата, па се поделија пакети во рурални училишта во Крива Паланка, Крушево, Куманово. Во оваа соработка се вклучи и Томи Митиќ, наш сограѓанин кој живее и работи во Германија, кој освен во собирање на училиштен прибор, својата хуманост и стручност ја покажа во поправање на лаптопи собирани за оваа акција и ги испраќаше во функционална состојба. Сите уреди лично ги проверував, по потреба форматирав, инсталирав сè што е потребно за да бидат предадени до учениците во состојба за работа. Кога не успевав да постигнам сè, бидејќи напоредно се одвиваа двете акции, помош добивав и од пријатели.

Иле Михајловски

Колку уреди до сега имате донирано и што најмногу ве трогна во акциите?

– Во текот на оваа учебна година успеав да соберам 40-на уреди и сите да бидат споделени на ученици на кои им биле најпотребни. Можеби не е голема бројка, што поради паралелното водење на две акции, што поради работните обврски од утро до мрак. Но, секој подарен уред носеше насмевка на лицето на секое дете на кое беше донирано. Доволно за среќа! Трогнуваат сите животни приказни на деца и семејства на кои им беа поделени и уредите и пакетите со училиштен прибор. Би издвоил две. Првата е кога преку социјалните мрежи ме контактираше мој ученик од претходни генерации, веќе возрасен, основал свое семејство. Откако прочитал за акциите самостојно ми испрати од Италија 3 лаптопи за да придонесе во акцијата. Ме трогна човечноста на млад човек, поранешен ученик кој на својот наставник му даде поддршка во акцијата. И втората приказна е поврзана со мој поранешен ученик, денес возрасен, кој ме замоли да помогнам на негов колега и да донираме уред за неговите деца. Испратив еден лаптоп и училиштен прибор до семејството. Ме трогна што повторно беше иницијатива за помош од мој ученик. Трогнува секоја човечка приказна каде животот ја покажал суровата страна, а такви приказни во нашата држава има за жал многу.

И да стигнат до Свети Николе, потоа уредите треба да се испорачаат до определено место. Имате ли помош, логистика?

– Им благодарам на сите оние превозници кои пратките од Германија бесплатно ги носеа до мене. И тоа е голема поддршка, човечност и хуманост да се пренесат донациите оддалечени и по 1.500 километри, малтретирање по граници. Таа логистика ја обезбедија луѓето од групата „Македоци во Германија – Makedonier“. Превозниците беа „Jovan Travel“ и „Амиго Турс“ кои превезуваат патници и пренесуваат пратки на релација Германија-Македонија. Откако ќе ги преземев пратките за да ги доставам до други општини, поддршка, помош и логистика имав од компанијата „Карго Експрес“ во Свети Николе. И тие се важна алка во овие акции за да донациите стигнат таму каде треба. Голем наклон и почит и до нив!

Источниот Регион е сиромашен. Колкава е потребата од донации за ученици и како одлучувате кој има приоритет во донирањето дигитален уред?

– Искрено, немам статистички податоци. Кога почнав со собирање на првите уреди, ги дониравме во основните училишта во мојата општина. За останатите донации препраќани до други градови контактирав со колеги со кои се познавам и соработувам, па замолував да истражат дали има ученици во тие градови на кои им е потребна помош. Откако ќе лоцираа, ја добивав точната информација каде и на колку ученици им е потребна помош. Во координација со нив, ги препраќав пратките до нив, а колегите до децата на кои им се потребни. Училиштата водат социјална структура на сите ученици, така да тоа е базата на податоци која користи за ваква координација. Во руралните средини и училишта самите наставници точно знаат кое семејство и колку деца немаат уреди. Тоа е релевантна информација за да се препрати потребната помош. Морам да признаам дека во оваа пандемиска година видов голем број на хумани наставници кои се вклучуваа во акцијата или пак самоиницијативно започнуваа вакви акции.

Дали оваа акција поттикна и други луѓе и фирми да се приклучат во донирање? Уште колку ученици имаат потреба од уред за да следат онлајн-настава или да им се олесни образованието воопшто?

– Во оваа акција видов колку обични граѓани ја покажаа својата хуманост. И за нив пандемиската година беше подеднакво тешка. Тоа е убавата страна на оваа приказна. Напоменав неколку локални фирми кои ја дадоа поддршката во оваа акција. Се надевав дека во вакви акции повеќе поддршка ќе добијам од компании и фирми отколку од граѓани, затоа што верувам дека можат повеќе. Можеби очекував дека таа мала поддршка од само две компании ќе биде поттик да се вклучат повеќе. За жал, тоа не се случи. Убеден сум дека секоја општина има барем неколку силни компании кои можат да помогнат многу повеќе од поединци. Да бидеме искрени, социјалните мрежи беа преплавени од апели за помош, сè уште ги гледам, читам, споделувам, помагам. Ме боли што не видов општествено одговорни фирми и компании, на кои пандемијата им донесе голем профит, самоиницијативно да помогнат или пак сами да започнат вакви акции. Свесен сум дека многу компании се соочија со намалување на работата, откази, затворање, но во нашата држава има и компании кои можеа од стекнатиот профит кој им ја донесе пандемијата да покажат човечност и алтруизам и народски кажано „да споделат од колачот“ во хумани цели – да се помогне на децата!

Иако почнува летниот распуст, донациите нема да сопрат. Што Ве чека летово?

– Покрај административната работа за завршување на учебната година и споделување на постигнатиот успех на учениците, донациите секако нема да сопрат. Постојат преговори за собирање донации и во текот на летото за да се обезбеди помош пред почетокот на следната учебна година. Сосема неважно е дали учебната година ќе започне со физичко присуство или ќе продолжи на ист начин, потребни сме им на уште деца. Дали онлајн настава или започнатата дигитализација во образованието, пред и во пандемија, во нашата држава има деца на кои им е потребна помош. Веќе имам обезбедено 6 лаптопи кои ќе бидат споделени на почетокот на следната учебна година на дечиња на кои најмногу им требаат. Би сакал донациите во уреди, училиштен прибор, облека, храна, каква и да е помош за децата, да пристигаат од што повеќе места, во што поголем број. Зашто сè уште има деца и семејства на кои им требаме. Би ги замолил фирмите и компаниите кои можат да се вклучат во вакви акции. Не е важно кој ги почнал, нека почнат свои. Оти која држава има светла иднина, ако не им помага и не вложува во ДЕЦАТА!?

 

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.