Нашата омилена валута е благодарноста од луѓето – вели Борче Стаменов, основачот на #ДонирајКомпјутер
Не велам дека јас сум имал тежок живот, но не беше ниту лесен. Доаѓам од работничко семејство, ја поминав и транзицијата. Моите се трудољубиви луѓе и сѐ што имаме е заработено со пот и многу труд. Знам како е да се нема и да не можеш на детето да му обезбедиш еднакви услови за живот. Да пробам да го направам општеството навистина еднакво за сите. Можеби сонот е преголем, но вреди да се проба – вели Борче Стаменов, кавадарчанецот кој во изминатите повеќе од пет години има израдувано речиси 780 семејства и деца подарувајќи им компјутер. Овој хуман човек има една мисија – да направи сѐ што може за еден ден #донирајкомпјутер и да не мора да постои.
Мисијата ја започна сам, а од годинава му се придружи и Дејан Милачески, за кого вели дека е „одличен помошник, кој има големи познавања од ИТ-областа, енергичен е, и ужива во секој момент поминат во поправка на машини кои во друг случај би завршиле на некој отпад“.
Повеќе од пет години расте #Донирај компјутер. Кога почнавте, претпоставувате ли дека целата иницијатива ќе ќе стане толку голема?
– Ни на сон! Почетоците, како и секогаш се тешки. Но, не ми требаше многу време за да ја стекнам довербата кај граѓаните, компаниите и надворешните т.е странски донатори. Сега, секој од нив знае и е сигурен дека нивната донација ќе заврши во вистински раце. Нашите донации, примени и подарени, се секогаш јавни и транспарентни. Буквално се знае кое делче од каде пристигнало и каде заминало. Јас одам до таму што и отпадот кој останува после проверката го сликам пред да го предадам на „Нула отпад“ и го објавувам на социјалните мрежи. Просто е неверојатно како успеав да исплетам мрежа низ целава држава. Донациите пристигнуваат секојдневно од секаде и благодарение на „Еко Логистик Сервис“, до крајните корисници се доставуваат бесплатно. Имам понуди и за донации од странство, но додека не го основам здружението кое е во постапка, тие донации ќе почекаат. Верувам дека и во тој дел ќе успеам да се изогранизирам оти до сега сѐ што сум намислил, сум остварил. Упорноста или инаетот да докажам дека и еден човек е доволен да се промени општеството досега ми оди од рака! #ДонирајКомпјутер допрва ќе расне во сериозна иницијатива со завидно ниво на организираност и транспарентност.
Сте имале ли моменти, ситуации, да си кажете, „е доста е, не го правам повеќе ова“?
– Нормално. Како и секој човек и јас се изморувам. Но, не ме изморува работата, туку негативни коментари за ова што го правам. Луѓето овде не се навикнати да слушаат убави работи и во сѐгледаат со недоверба. Околина и општеството кое никако да се смени три децении ги направиле такви. Јас сум таков човек, се нервирам кога едно исто морам да го кажувам или објаснувам по 100 пати. Имав огромна желба да бидам просветен работник. Сигурно ќе бев строг и децата веројатно ќе ме мразеа, ќе имав ужасен прекар. Но, доста сум упорен и тие коментари веќе се реткост и почнувам да ги игнорирам. Луѓето, па и тие што најтешко се убедуваат, видоа дека не ми се потребни пари или слава. Ќе ги убедам сите дека и без потрошен денар може да се направи нешто убаво, дека добрината постои и ни е на дофат, не секој прави добро за да добие нешто назад. Јас доволно среќа добивам од оние што се заблагодаруваат на свој начин. Тоа што често се појавувам низ медиуми е само за да инспирирам повеќемина да се вклучат во акцијава и не претставува фалење или самопромоција. Имам кажано: јас како се појавив така и ќе ме снема кога нема да има потреба од мене.
Се појавува често на медиуми само за да инспирира повеќемина да се вклучат во акцијата – Борче Стаменов
Водите ли статистика во кој град најмногу сте донирале компјутери?
– Неодамна добив понуда од компанија која се занимава со статистика, која сака да изработи онлајн-бројчаник и така во секој момент ќе се знае комплетна статистика буквално за сѐ. Кој донирал, што донирал, каде отишло, колку отпад се створил… Според последните записи што ги имам локациите каде имаме донирано се: Охрид и околината (50), Гостивар, Валандово, Радовиш, Крива Паланка, Струга и околината (2), Крушево (3), Прилеп, Битола со околините (30), Кавадарци (45), Неготино, Тетово, Куманово и Берово (20), Росоман (15), Градско и Штип (10), Велес (40), Скопје (336), Дебар, Демир Капија, Ресен, Македонски Брод (1), Кочани и Виница (15), Струмица (20), Гевгелија и околината (12), Свети Николе (5).
Пораки со благодарност од среќни деца постојано пристигаат кај вас. Што Ве оставило без зборови?
– Нашата омилена валута е благодарноста од луѓето. Никогаш не сме побарале некој да направи нешто, но во последно време некако стана тренд луѓето да се заблагодаруваат на секакви начини. Некои цртаат сликички, некои испраќаат пакетче кафе, некои лименки пивце, некои се јавуваат по телефон, некои пишуваат на социјалните мрежи. Но, видеото на ученици од едно училиште за кое обезбедивме 3-4 компјутери, најмногу ме погоди. Беа собрани сите на купче и пееја песничка. На крај се заблагодарија и мафтаа кон камерата. Тие моментни не се опишуваат со зборови и веројатно ќе ги паметам до крајот на животот.
Не криете дека сте емотивна личност, од таакви пориви почнавте да го правите ова. Има ли поголема награда за некој што чини добро, кога може да помогне на некого во неволја, посебно – деца?
– Емотивноста не сакам да ја кријам. Тоа е дел од мене и ме прави човекот што го гледате и читате по социјалните мрежи и во ниеден случај не ми било срам да ја изразам. Неодамна имав објавено една сликичка на која пишуваше: добрите луѓе се добри за да не мораат другите после нив да го преживеат она што го преживеале тие. Не велам дека јас сум имал тежок живот, но не беше ни лесен. Јас доаѓам од работничко семејство. Ја поминав и транзицијата. Моите се трудољубиви луѓе и сѐ што имаме е заработено со пот и многу труд. Сме се занимавале и со земјоделие доста време. Некогаш се гостевме со свинско, некогаш јадевме леб, сол и кромитче. Знам како е да се нема и да не можеш на детето да му обезбедиш еднакви услови за живот. Сакам секое дете да добие еднакви шанси и за образование и за поквалитетен и подобар живот. Да им тргнам една мисла од глава на тие родители. Да пробам да го направам општеството навистина еднакво за сите. Можеби сонот е преголем, но вреди да се проба.
Какво дете сте биле? Дали помагавте и порано?
– Голем дел од животот го имам поминато во родното Росоман. Баба ми ме учеше само на убави и корисни работи. Ме носеше со неа по бавчи и ниви. Не ме оставаше така да седам, туку ми задаваше задолженија. Ме научи да шијам на 7-8 години, да пржам јајца на 9. Исто се случуваше и дома. Моите секогаш ме тераа да работам и да не седам џабе. Сум полнел сок во приватни сокари и сум фрлал комиње од визбите на Тиквеш, бев шанкер и келнер и диџеј. Од таму ја стекнав навиката за работа и независност од дома. Да не звучи како клише, но откако паметам за себе сум сакал да им се наоѓам на луѓето. Така ме научиле од дома веројатно. Секогаш да бидам добар и ако можам да помогнам, а ако не можам, да им се тргнам од патот на тие што можат. Затоа и до ден денес уживам во мојата работа. Посебно сега кога со моето искуство можам да помогнам!
Ви значат ли признанијата што го добивате и надвор од земјава?
– Признанијата ме радуваат, но немаат пресудно значење во мојот живот. И без нив ќе го работев ова. Првата награда што ја добив беше од здружението „Хорус“ – огранизација која ја препознава филантропијата на ниво на Балканот. Во 2017 година бев избран за индивидуален филантроп од Македонија. Италијански режисер има идеја за снимање краток документарец, кој засега е во мирување поради ковид-пандемијата. Европската комисија има публикација која се издава еднаш годишно и таму бев спомнат како претставник на Македонија. Тоа не е награда, туку своевидно призние за нашата идеја и претставување пред Европа. Мислам дека слична публикација издава и Светската здравствена организација за која исто имав некој допис со кој на некој начин ја ставам Македонија во земји кои имаат план за помагање на онлајн-образованието. Ист допис е пратен и до некоја друга организација од Холандија. Веќе не ни можам да следам кој и што пишува за #ДонирајКомпјутер. Во некој текст прочитав дека слична ваква акција се организирала и во Германија, но не во ваков обем. Како најголема награда си ја сметам онаа кога наш студент кој се образува во Швајцарија, ја зел #ДонирајКомпјутер како тема за обработување и претставување во неговиот универзитет. Ова е повеќе ценето надвор од Македонија. Овде едноставно се нема слух за овакви иницијативи и главно помошта која е понудена секогаш останува само на муабет. Но, јас и не сум некој човек што бара помош. Помош кај нас значи „ќе ни дојдеш на митинг, ние ќе ти дадеме сендвич и ти ќе мафташ со нашите бои“. Затоа и сѐ што можам да сработам, го сработувам сам.
Неодамна Ве посети и претседателот. Имавте трема?
– Со претседателот Пендаровски имавме убав разговор. Со самата посета која беше побарана од неговиот кабинет, само се потврди големината на #ДонирајКомпјутер. Трема немаше, зашто ова не ни беше прва средба. Пред една година кога го дониравме 230. компјутер имавме онлајн-разговор и уште тогаш знаев дека е човек со кого не треба да се притеснувате. Овојпат разговорот беше буквално сведен на „ти“. Му објаснив поопширно за #ДонирајКомпјутер и за плановите што ги имам. Исто така му нафрлив и идеја што може да се направи со компјутерите кои се менуваат на 2-3 години по сите министерства и Владата, воопшто.
Според МОН, во државата имаме околу 4.000 ученици кои немаат опрема за следење онлајн-настава. Во администрација ни се вработени околу 130.000 лица. Тоа се 130.000 компјутери кои се уништуваат! Со мала инвестиција каде би се набавиле нови хард дискови, кои поради сензитивноста на податоците на нив мора да се уништат, би се решил проблемот на тие семејства засекогаш. Јас стојам на располагање за оваа идеја. 4.000 компјутери со темпото кое работиме би ги средиле за околу една година. Нормално зборувам за правење и праќање во исто време. Рекордот на средени компјутери во еден работен ден ни е 21. Вака ќе треба да средуваме по 12. Заслугата нека биде на Владата. Ако треба да сменат закони за донација, нека сменат. Зошто тие компјутери да не се искористат и се дадат на семејства кои не можат да си дозволат нов компјутер? Имаат шанса да направат нешто добро кое нема да ги чини многу. Со 100.000 евра ќе се покријат сите семејства. 100.000 евра, ако се погледне сајтот за јавни набавки, се трошат на апетисани. Имаат и логистика да го направат тоа. Наше ќе биде да сработиме и за тоа да поднесеме соодветен извештај со име и презиме на примателите. Како и досега, ќе се знае каде заминал и најситниот шраф.
Каде ги чувате компјутерите? Беше ли проблем да се најде простор?
– За просторот морам да се заблагодарам на фирмата каде што работам, „Бидат Информатика“ и на сопственикот Митко Дубровски. Пет години секојдневно се собираат огромен број донации кои со себе си носат доста нечистотија. Успешно се справуваме и со тоа. Донациите ретко се задржуваат повеќе од две недели. Како стигаат, така и се испраќаат готовите. Отпадот се отстранува по потреба или еднаш до два пати во месецот. #ДонирајКомпјутер можеби е раководена од еден човек, но работи под полна пареа и лесно заменува работа за две министерства со по 100-200 вработени. Посебно сме горди што од буквално ништо, направивме нешто за кое се зборува со восхит и надвор од границите на Македонија. Некои велат дека сме амбасадори, јас велам: И да знаете дека е така!
Фото: Крсте Шупев
Имате ли визија како да се развива #Донирај компјутер?
– Не сум некој што планира надалеку. Повеќе верувам во спонтаност и моменти. Така и започна целата оваа наша авантура. Но, за разлика од почетоците, сега почнувам да ковам планови. За почеток, ќе се основа здружение со кое полесно ќе можам да дојдам до донации од компании на кои им треба оправдување на донацијата. Сакам сѐ да биде во ред и според закони, иако живеам во држава каде законите се обична хартија. Но, јас ќе пробам. Сакам иницијативата да биде уште потранспарентна. Имаме најави од донации во парични средства кои ќе ги користиме за купување компјутери кои понатаму ќе ги донираме на социјално загрозени семејства. Исто така, ни е потребен автомобил кој засега немам можност да го купам, па често го користам на брат ми или позајмувам од пријатели како би однел или пренел донации од една до друга точка. Постои можност да си ги прошириме дејностите и да донираме сѐ што може, а би им било од корист на луѓето. Планираме изготвување на проекти за добивање европска и светска помош. Плановите ми се мотаат низ глава. Сакам да им помогнам на сите граѓани. Луѓето кога слушаат за надворешна помош, водени од досегашни искуства за кои слушаме по телевизии, веднаш помислуваат на измами. Сакам да ги променам тие впечатоци. Сакам да знаат дека не секој гледа да се направи измами за лична корист. И ќе успеам!