На платото пред Младинскиот културен центар во Скопје, вечерва вп 20 часот ќе се одржи промоција на книгата „Две минути и четириесет реда“ од Александра Јуруковска, издание на ПНВ Публикации од Скопје. За делото ќе говори Соња Стојменска Елзесер, а модератор ќе биде Јулијана Величковска.
Книгата е збирка радио-критики и новински критики пишувани за весници, списанија и портали. Текстовите се пишувани во период од 15 години, за поширока публика.
Промоцијата ќе се одржи во согласност со протоколите за организирање настани на отворено.

Александра Јуруковска е родена во 1981 година во Скопје. Дипломирала и магистрирала на Катедрата за општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Од 2001 година работи како новинар и уредник во културните и информативните редакции на повеќе медиуми во Македонија. Во Македонското радио ја уредува и ја води рубриката „Книга-фаворит“ во која, во период од пет години, напишала критики и рецензии за околу 200 книги. Новинарското искуство го надградува низ повеќе професионални обуки и програми во Дојче Веле, Радио Канада и Институтот Медијапан во Сараево. Од 2009 до 2012 била уредник на СТУДЕНТ ФМ, радиото на УКИМ и стручњак од пракса за радионовинарство.

Александра Јуруковска / Фото: Игор Тодоровски

Во 2017, во 2018 и во 2020 г. била шеф на прес-центарот на Струшките вечери на поезијата и модератор на фестивалските панел-дискусии. Во 2018 година била гостин-уредник и на престижната европска платформа за поезија Версополис и нејзиното електронско списание.
Од 2012 година е еден од уредниците на порталот www. cooltura.mk. Во моментов е уредник на Редакцијата за култура на Алфа ТВ.
Нејзините новинарски текстови, рецензии и есеи за литература и театар се објавувани во сите позначајни специјализирани списанија и магазини за култура и литература во Македонија. Учествувала на повеќе конференции и научни дискусии од областа на културата и медиумите. Од 2008 до 2015 година објавува критики за современата македонска литература во дневниот весник „Дневник“. Нејзината прва книга „Ткаење на текстот“ (Силсонс, 2014) е избор од тие текстови. Книгата „Медиумскиот егзил на книжевноста во македонската култура“ (Авант прес, 2018) е интердисциплинарна студија за третманот на културата во македонските медиуми. Член е на Друштвото на писателите на Македонија и на редакцијата на гласникот „Стожер“ – гласникот на ДПМ.

 

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.