Полно гледалиште, одушевена публика и оро по премиерата на „Ефтеркланг: Македониум бенд“

Пред полното гледалиште во паркот на Младинскиит културен центар, со македонската премиера на филмот „Ефтеркланг: Македониум бенд“ во режија на Андреас Јонсен и во продукција на МКЦ, Rosforth и Rumraket и концертот на „Ефтеркланг: Македониум“ синоќа беше отворен 23. Меѓународниот фестивал на европски филм „Синедејс“.

Музичкиот документарен филм кој се снимаше во текот на април 2023 претставува музичко патешествие на групата „Ефтеркланг“ во потрага по македонски музичари, со цел составување на голем ансамбл и нивен заеднички перформанс пред споменикот „Македониум” во чест на симболот на архитектонскиот споменик за слобода и независност. Со големо оро заврши премиерата на филмот.

Премиерата на филмот се одржа на 23 март 2024 во рамките на “CPH:DOX” и беше проследена со уникатен концерт на ансамблот “Ефтеркланг: Македониум бенд” во кој членуваат 22 македонски музичари.

Филмот ја заокржува истражувачката потрага на овој дански состав на прекрасен, непосреден и шармантен начин, преку патувачка турнеја низ Македонија. Младински културен центар се јавува во улогата на продуцент преку својата логистичка и организациска поддршка на целиот проект.

Покрај бендот „Ефтеркланг“, во ансамблот членува и Женскиот младински хор при МКЦ со 16 хористки, потоа музичарите Стефче Стојковски, Дејан Спасовиќ, Дина Јашари, Ива Дамјановски, Мартина Баракоска и Јане Трајковски.

Реализацијата на филмот е поддржана од страна на Министерството за култура
со 250.000 денари, потоа Данскиот уметнички совет и “Culture Moves Europe” програмата на Европска Унија.

Фото: Стефан Самандов и Кристиан Христов

Сподели