Неодамна излезе од печат новата детска поетска книга на Весна Мундишевска- Велјановска „Збрка во трка“, во издание на „Перун Артис“. „Во песничките видливо е сказноликото шаренило, басноликото параболично соѕвездие. Снешко, Ешко и Клукајдрвчо, чавки, страчки и мачки… хумористично се надмудруваат, низ немуштиот јазик философираат, си реплицираат, се челичат златните струни на мислата. Така детето полесно го разбира својот свет наспрема светот на возрасните или така побрзо и посигурно преминува од детството во светот на својата зрелост и полнолетство. Таа козерија од детската журналистичка школа е многу често недофатлива за забавеното реагирање на возрасните“ – вели писателката Милица Димитријовска Радевска.
Весна Мундишевска-Велјановска пишува поезија и критичко-есеистички текстови, а (ко)автор е и на 6 стручни книги и 3 учебници, како и на стотина трудови од областа на образованието. Нејзината поезија е преведена на повеќе странски јазици. Застапувана е во антологии и добитник е на награди. Уредник е на списанието за култура – книжевност, драмска уметност, филм и издаваштво – „Современи дијалози“ чиј издавач е МНД, а била уредник на списанието за книжевност, уметност и култура „Раст“, главен и одговорен уредник на списанието „Современи дијалози“, уредник и главен уредник на неколку списанија и билтени („Плима“, „Изрек“, „Грст“, „Графопрес“, „Разгледи“, „Воспитни крстопати“), како и уредник и главен уредник на четириесетина поетски книги и зборници.
Членка е на Друштвото на писателите на Македонија, на Македонското научно друштво – Битола и на Друштвото на писатели „Битолски книжевен круг“. Била претседател на Друштвото за литература и култура „Развиток“ – Битола и на Книжевна младина на Македонија – ОК Битола, секретар на Друштвото на писатели „Битолски книжевен круг“, член на Уредувачкиот совет на МНД и член на телата на ДПМ. Настапувала на бројни книжевни манифестации, а неколку години ја уредувала и водела радио емисијата „Поетска квечерина“ на Радио Битола. Била член на организационен и програмски одбор на литературни манифестации, како и член на комисии за доделување на национални и меѓународни награди. Амбасадор на мирот е во Cercle Universel Des Ambassadeurs De La Paix – Suisse/ France од 2016 г.