На денешен ден во 1961 година во Скопје се случила премиерата на првиот македонски филм режиран од македонски режисер. Станува збор за „Мирно лето“ на Димитрие Османли, чија премиера била во киното „Култура“. Култната лирска комедија снимена според сценариото на Фрида Филиповиќ, ги обедини најголемите тогашни актерски ѕвезди – Љупка Џундева, Слободан Перовиќ, Дарко Дамески, Илија Милчин, Мери Бошкова, Петре Прличко и Стојка Цекова…Освен Перовиќ во главната и Евица Чизмар во епизодната, сите други актери се Македонци.

Филмот почнал да се снима на 25 септември 1960 година со 35-мм камера, во црно-бела техника. А кога излегла премиерата, за само четири дена го виделе 17 илјади гледачи, а имало одлични реакции и на Фестивалот на југословенски филм во Пула. Директор на фотографија бил Љубе Петковски. Музиката ја создал Драгутин Савин, а сценографијата – македонскиот сликар и сценограф Диме Шумка.

Спокојот на Заре и Мира кои се сместени во Охрид во музејската зграда и брзо ќе биде нарушен откако на гости ќе им дојдат Дара Љубина, Нестор Гиевски, семејството Поп-Коцеви…и настанува општ хаос.

Првата македонска филмска комедија, Османли ја сними на 33-годишна возраст и во неа ги претстави своите режисерски таленти, сенсот за комедија на менталитети и на ситуации, кои и подоцна богато ќе ги изразува во своето режисерско, посебно театарско творештво. „Мирно лето“  не престанува да биде омилен филм на генерациите до денешен ден, со оглед на урбаната тема и профил и но и духот и младешката насмевка на времето во кое е создаван. Култната комедија беше работена според сценариото на Филиповиќ, при што дијалозите ги обработи драмскиот автор Коле Чашуле, давајќи им наша боја и израз.

Неговата актуелност трае до денес: телевизиите непрекинато го прикажуваат на своите филмски програми, Влатко Стефановски ја отпеа својата песна „Мирно лето охридско“, а Кинотеката минатата година го отвори летното кино кое го именува според насловот на кулниот македонски филм кој денес одбележува шестдецениски јубилеј!

Димитрие Османли е роден во Битола, во 1927 година. Кога имал нецели 7 години, првпат го видел семејниот пријател чичо Манаки како ракува со некаква „чудна кутија“. И така „се инфицирал“ од подвижните слики, а неговото основно училиште по филмска режија било секојдневно одење во кино.

Основно и средно образование завршил во Битола. На 27 ноември 1944 година, Рули, заедно со уште неколкумина, ја положил аудицијата за актери во Народниот театар во Битола.
„И тогаш, како за среќа се расчу за отворањето на Високата филмска школа во Белград. Јас тајно напишав една молба…“ – ги продолжува Рули своите сеќавања. Студиите ги завршува во учебната 1952/1953 година со дипломската претстава „Ѓаволштините на Скапен“ од Молиер во Народниот театар во Битола. Со диплома на прв дипломиран македонски режисер се враќа во Македонија, овој пат во Скопје. По враќањето од студиите од Белград, Османли се вработил во „Вардар филм“.
Во 1956 г. ги снимил филмовите: „Прва изложба на југословенски тутун“, „Распламтени факели“, а во „Филмски репортер бр. 4“ ја сними и првата филмска репортажа за Милтон Манаки.

Османли (прв десно) заедно со Џувалековски (лево) и Мито Хаџивасилев-Јасмин

Постдипломски студии посетува во 1961/1962 година на Институтот за високи кинематографски студии. „За време на праксата во студијата сместени во Булоњската шума се запознал и се дружел со Франсоа Трифо и Жан-Лик Годар и со сите кинематографски `младотурци`, во она време сѐ уште неафирмирани режисери и синеасти собрани околу легендарното синеастичко списание „Филмски тетратки“ – ќе пренесе во една пригода неговиот син Томислав Османли.
Долги години работи како театарски, телевизиски и филмски режисер. Исто така, бил и професор и прв декан на Факултетот за драмски уметности, каде што предавал актерска игра и има изведено четири генерации актери.
Освен „Мирно лето“, ги снимил: „Мементо“ (1967), „Жед“ (1971) и „Ангели на отпад“ (1995), има снимено и 15-ина документарни филмови, меѓу кои најзначајни се: „Дванаесетте од Папрадник“ (1965), „Девојките од Мали“(1963) и „Кеј 13. Ноември“ (1964), и повеќе од 20 телевизиски остварувања, филмови, драми, мјузикли.

Димитрие Османли

На полето на театарската уметност неговиот придонес е исто така значаен, има режирано над 65 театарски претстави низ театрите во Македонија, меѓу кои „Болва во уво“, претстава што 18 сезони беше изведувана во Драмскиот театар со повеќе од 350 изведби.
Прв македонски игран филм, воопшто, е „Фросина“, снимен во 1952 година во режија на Воислав Нановиќ, а според сценариото на Владо Малески.

 

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.