Македонскиот институт за медиуми го објави конкурсот за новинарските награди „Никола Младенов 2022“. Ќе бидат доделени три годишни награди во категориите: најдобра истражувачка приказна, најиновативен новинарски производ, најдобра репортерска фотографија.
На конкурсот може да се пријават сите новинари и фоторепортери кои професионално работат во медиумите или соработуваат како фриленсери со нив. Пријавените материјали треба да бидат објавени во текот на 2022 година во весник, на радио, на телевизија, на информативни интернет-портали или од новински агенции што се регистрирани и работат во нашата земја.
Еден автор или група автори може да аплицираат со најмногу три различни теми во првите две категории, а секоја тема може да вклучува повеќе поврзани текстови/прилози. Секој фоторепортер може да учествува со најмногу три фотографии, кои биле објавени во весник, на интернет-портал или новинска агенција.
Како и досега, пријавените материјали ќе ги разгледува комисија од релевантни претставници на медиумската и на јавната сфера. На добитниците на наградите ќе им биде врачен сертификат и парична награда од 40.000 денари, поединечно. Конкурсот е отворен до 1 март. Повеќе информации на линкот.