Српските музичари Драган Средојевиќ на виолина и Ненад Ивовиќ на пијано, ќе одржат концерт вечерва во 21 часот во црвката „Св.Софија“ во Охрид. Настапот е во рамките на Охридско лето.
Драган Средојевиќ е еден од најеминентните српски виолинисти на денешницата кој постојано настапува на концертните подиуми ширум светот. Дипломец на познатиот московски конзерваториум „Чајковски“ од класите на Марине Јашвили и Едуард Грач- по завршувањето на студиите, а на покана на маестро Валери Гергиев тој станува член на оркестарот на театарот „Марински“ со кој настапува и како солист во Русија и на бројни турнеи. На само 25 годишна возраст, Средојевиќ е најмлад концерт мајстор на Лондонскиот симфониски оркестар со кој настапува на турнеја низ Европа и одржува концерти пренесувани на Би-Би-Си радио.
Познат по неговиот препознатлив звук, техничка прецизност и храбра креативност, Средојевиќ гостува во концертни сали на сите континенти.
Покрај тоа што е лауреат на бројни национални и меѓународни натпревари, Средојевиќ е добитник на наградата „Белградски ангел“ за уметнички достигнувања доделена од страна на Министерството за култура на Р. Србија. Дел од своето време Драган Средојевиќ го посветува на одржување мајсторски курсеви, а педагошката дејност ја остварува и како асистент на Факултетот за музичка уметност во Белград каде истовремено е запишан на докторски студии под менторство на Марија Јокановиќ.
Средојевиќ свири на редок инструмент од 18 век- виолина изработена од Ф. Лупот која му е отстапена на користење од страна на приватен колекционер.
Пијанистот Ненад Ивовиќ дипломира на Универзитетот за уметности во Белград како најдобар студент во неговата генерација. Низ годините добитник е на награди и признанија на повеќе од 15 меѓународни натпревари меѓу кои прва награда на натпреварот „Чекор кон мајсторство“ во Санкт Петерсбург, Русија каде настапува и со Петербуршката филхармонија и втора награда на натпреварот „Ариане Катц“ во Тел Авив. По завршувањето на студиите во Белград, Ивовиќ поминува три години во „Бухман-Мехта“ школата за музика на Универзитетот во Тел Авив, Израел каде магистрира во класата на Емануел Красовски.
Во мај 2019 година, Ивовиќ магистрира и на Универзитетот „Јеил“ во САД во класата на Борис Берман, а од септември истата година е помлад соработник на катедрата за пијано на истиот универзитет.