Капушевска-Дракулевска и Мартиновски со заедничко дело посветено на Урошевиќ

Во издание на издавачката куќа „Бегемот“ излезе заедничка книга со книжевно-теориски студии, осврти и есеи на Лидија Капушевска-Дракулевска и Владимир Мартиновски. Се работи за книга диптих, целосно посветена на творештвото на академик Влада Урошевиќ. Во освртот за книгата, писателот Владимир Јанковски нагласува:

– Книгата на нашите еминентни книжевни теоретичари и историчари на книжевноста, проф. д-р Лидија Капушевска-Дракулевска и проф. д-р Владимир Мартиновски, опфаќа компаративни студии, есеи и осврти за книжевното дело на еден од најзначајните македонски писатели, Влада Урошевиќ. Во оваа книга, авторите нудат свое автентично читање на прозното и поетското творештво на Урошевиќ преку една двојна перспектива. Имено, текстовите во книгата, од една страна, разјаснуваат некои од клучните аспекти на поетиката на Урошевиќ, а од друга страна, тоа е еден вид теориски дијалог за творештвото на авторот и меѓу Капушевска-Дракулевска и Мартиновски.

Во книгата се анализирани и претставени некои од главните творечки преокупации на Влада Урошевиќ: сонот како неисцрпен поттик за создавање и креативно преобликување во литературата, идејата за поезијата како чин на игра и комбинација, опседнатоста со поетската слика и односот на авторот кон модерното сликарство, релациите меѓу творештвото на Урошевиќ и поетиката на надреализмот, автопоетичките согледувања за уметноста и умешноста на пишувањето поезија, жанровските елементи во неговите романи, како и различните теми опфатени во неговите кратки раскази.

Станува збор за луцидна, акрибична, теориски внимателно напишана книга, во која освен што мошне прецизно се прикажани различните слоеви од опусот на Влада Урошевиќ, тие се анализирани и толкувани со еден вид поетска страст за неговото творештво. Затоа книгата ги надминува обичните стандарди на теориското истражување и навлегува во сферата на текст што се чита како еден вид весела теорија, текст во кој авторите го следат и својот дискурс го сообразуваат на пристапот и дискурсот на авторот за кој пишуваат, вели Јанковски.

Книгата е објавена со поддршка од Министерството за култура на РСМ.

Сподели