Здружението за книжевност и други уметности „Креативна верига“ од Охрид вечерва, во 20.15 часот на „Зум“ ќе одржи онлајн промоција на збирката раскази „Интимно со пандемијата“. Претставени се 17 автори кои творат во различни прозни форми: кратки раскази, класични раскази, дневник, записи, стрип, мемоари, патописи…
Основната појдовна точка што ги поврзува застапените прозни дела е соочувањето со пандемијата од ковид-19, од литературен, културен и општествен аспект и како таа се одразува врз квалитетот на животот на поединецот, семејните врски или пошироко на глобално ниво. Застапени се реномирани, но и млади автори, како и творци кои пишуваат извесен период, но досега немаат издадено самостојно дело.
Процесот на создавање на оваа збирка траеше речиси една година. Преку повик беа објавувани творби на фејсбук-страницата на здружението. Печатеното издание на „Интимно со пандемијата“ е потесен избор на прозни дела од сите предходно електронски објавени автори. Изданието е еден од многуте проекти на здружението „Креативна верига“.