Изложба „Химна сред урнатини“ на Ѓорѓи Митревски во Мобилната галерија во Скопје

Изложбата „Химна сред урнатини“ на авторот Ѓорѓи Митревски ќе биде отворена вечерва  во 20 часот во Мобилната/Монтажна галерија во Скопје. Изложбата се навраќа кон најстариот ликовен израз на претставување акт, познат од вазното сликарство на античкиот свет, и не ја прикажува само еротичноста и сексуалноста на телото, туку го прикажува голото тело како симбол на убавината, благородноста и плодноста.

Галериската поставка има цел да ги поттикне посетителите да ја преиспитаат својата перцепција на голотијата: галеријата обезбедува засебен простор каде ќе биде овозможено личното искуство на соголување – сите заинтересирани посетители ќе имаат можност пред фотографскиот објектив да артикулираат содржини со своето тело. Единствената полароид копија, секако, ќе биде само за нивните очи.

Објективизацијата и комодификацијата на голото тело во нашата секојдневица станаа толку продорни, што телото сѐ повеќе се сведува на неговата гола сексуалност и претставува само објект на сексуалните желби. Сите ние на еден начин сме „претерано“ привикнати на голотијата сеприсутна на социјалните и останатите медиуми. Но дали нашиот однос кон голото тело е навистина таков каков што сметаме?

Ѓорѓи Митревски се занимава со фотографија, колаж, сито печат и анимација и досега има реализирано повеќе самостојни изложби во Македонија, Босна, Германија, Франција, Кина и САД. Изложбата е финансиски поддржана од ЦСУ – Скопје и Министерство за култура.

Сподели