Средношколците Дарко Стојчев, Михаил Трајков, Константин Трипуновски и Јан Стојановски ќе ја претставуваат Македонија на 55. Меѓународна олимпијада „Менделеев“ која ќе почне на 20 април. Тимот беше избран на селекциониот натпревар кој се одржа на Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет во Скопје н апочетокот на масецов. Нашето учество на престижниот натпревар го организира Сојузот на хемичари и технолози на Македонија.

– Натпреварувачите за 5 часа требаше да решат 8 комплексни проблеми што ги составија професори од Институтот за хемија. На селекциониот натпревар му претходеа неколкунеделни онлајн подготовки – велат од СХТМ.

Сите финалисти годинава се од Скопје. Дарко Стојчев е ученик во „Јосип Броз-Тито“, Константин Трипуновски учи во „Раде Јовчевски-Корчагин“, а Михаил Трајков и Јан Стојановски се од приватното школо „Јахја Кемал“ во населбата Карпош.

Менделеевата олимпијада ќе се организира далечински и ќе се состои од два теоретски дела. И годинава, заради светската пандемија и неможноста за одржување на олимпијадата со физичко присуство, нема да биде спроведен експерименталниот дел од натпреварот. Церемонијата на свеченото отворање ќе биде на 21 април, а прогласувањето на победниците и свеченото затворање на 26 април. Натпреварувачки денови се 22 и 23 април.

Фото: СХТМ / Тимот што лани ја претставуваше Македонија на „Менделеев“

 
УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.