„Иднината на музеите – закрепнување и реинтерпретација“ е темата на советувањето со кое Македонскиот национален комитет на Меѓународниот совет на музеите (МНК ИКОМ) денеска ќе го одбележи 18 Мај – Меѓународниот ден на музеите. Поради пандемијата, советувањето ќе се одржи преку платформата зум од 11 часот. Пред присутните ќе се обратат министерката за култура Ирена Стефоска, Маја Чанкуловска-Михајловска, претседателка на МНК ИКОМ, Оливера Џартовска-Тачевска, претседателка на МНК Син Штит и Кристина Бицева, потпретседателка на МНК ИКОМОС.
Потоа музејски работници ќе зборуваат за разновидноста и инклузивноста, за иднината на музеите, нивното функционирање во време на криза и реконципирање, иднината на локалните музеи, борбата против илегалната трговија со културно наследство.
На крај ќе биде доделена наградата „18 Мај – Меѓународен ден на музеите“ за изминатите две години. Наградата за Музеј на годината за 2019 година му припадна на Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија за проектот Постојана изложбена поставка. Музејски проект на годината е „100 години Требениште“ на Археолошкиот музеј, Гоце Божурски од Куманово е музејски работник на годината, а наградата за надворешен музејски соработник ја доби Лидија Мешковска, уредничка на редакцијата за култура и уметност во МТВ за емисијата „Витраж“.
Музеј на годината за 2020 е Националната галерија за дејноста во време на пандемија. Наградата за Музејски проект му припадна на Музеј на град Скопје за „70 години Музеј на град Скопје“ на авторскиот тим: Емил Алексиев, Фросина Зафировска, Станимир Неделковски и Соња Апостолова. Музејски работник на годината е Славица Крстиќ од кумановскиот музеј.
Признание доби кумановскиот музеј за реконструкција на Спомен-куќата на Христијан Тодоровски-Карпош, а пофалница за научно-истражувачка музејска дејност – Музејот на град Скопје за проектот „Скопје виа Солун“ на авторски тим: Славица Христова, Татјана Ѓорѓиевска и Оливера Џартовска-Тачевска. Пофалници за надворешни соработници добија и Ивана Тасев, Ива Лабан и Гордана Младеновска.