За нашите талентирани деца: Извини Александар, доцниш три дена

Младиот Александар Трајковски денес е еден од најдобрите студенти на Факултетот за хемија и технологија во Љубљана. Завршува прва година. Лани до последен ден се мислеше дали да го продолжи своето образование во Македонија или во Словенија. Низа несреќни околности придонесоа да не го фати рокот и да конкурира за заслужената парична награда што ја доделува државата откако освои медал за Македонија на Меѓународната олимпијaда по хемија IchO-2020. Страницата на МОН била хакирана, службеникот не прочитал мејл, портирот тој ден бил на боледување… И покрај пишувањата на медиумите, МОН го задржа ставот дека награда ќе добијат сите што конкурирале во рокот. Така велел законот. Законот кој во Македонија го крши кој ќе стигне. Законот поради кој носиме нов закон за легализација на дивоградби, законот кој толку го испочитувавме што Охридскиот Регион ќе биде симнат од Репрезентативната листа на светското наследство, законот поради кој едни освојуваат медали, а други им ги земаат наградите.

Да, законот треба да се почитува, но што кога законот е погрешен и нефункционален? Што ако законот овозможува неправда и тоа се спроведува секоја година?

Грст луѓе, интелектуалци, професионалци, ентузајасти, со години се борат со ветерници за да ги подготват талентираните ученици да освојат добар пласман на светски натпревари по хемија, физика, метаматика, природни науки… Досега, државата им помагала претежно со препки – законски, финансиски, понижувачки, секакви. Немаат редовен буџет за подготовките, секоја година молат фирми да им спонзорираат билети за да стигнат до Олимпијада. Но, кога ќе се вратат со медал, институциите најчесто ги канат на средба и се фотографираат за медиумите, горди на бисерите што ги имаме.

Подготовките за овие натпревари се комплексни, па универзитетски професори ги подготвуваат учениците. Но, законот вели дека награда можат да земат само тие што се вработени во средно училиште. Во релативно новиот Закон за основно образование проблемите се „надминаа“ така што законот се толкува дека може да се доделат само три награди. Па ако има петмина добитници на златен медал, двајца отпаѓаат, а ако има тројца со бронза сите ќе добијат награда… Се прашувам, кој и за кого ги пишувал овие закони?!

И така секоја година правиме истражувања како да спречиме одлив на мозоци, а во пракса правиме сè за да си заминат. Тераме демагогии за еднакво општество, а практицираме нееднаквост. Носиме реформи за инклузивно образование, а ги дискриминираме оние за кои се удираме во гради дека сакаме да ги задржиме во земјава. И наместо да ги наградиме најуспешните, да ги стипендираме, да сториме сè за да останат тука, некој избра да му каже на Александар – извини, задоцни три дена. Што добивме, а што изгубивме? Заштедивме на уште еден оглас со продолжен рок, а изгубивме талент во кој македонскиот образовен систем вложувал 15 години. Исто како што сме на добар пат да ги изгубиме менторите кои секоја година, без денар платен, ги подготвуваат средношколците за светски натпревари. А наградите и понатаму ги зема некој друг. Да, наставниците во средните училиште се заслужни за успесите на овие деца и треба да бидат наградени, но спринтот го трча некој друг. А тој друг заслужува награда.

Тоа ви е исто како да му врачиме награда на претходниот министер за образование и наука, Арбер Адеми, за комплексните реформи во образованието кои не му појдоа од рака на ниту еден досегашен министер во ресорот, во 30 години независна Македонија. Тој не ги спроведе реформите?! Па што, законот вели дека бил министер, може да ја прими наградата.

 

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.

Сподели