Електронски книги наместо печатени е најновиот предлог на Министерство за образование и наука и другите институции надлежни за образованието во земјава. И одговорни. Во годината погодена од пандемија, не беше доволен товар префрлувањето на наставата дома во која сите ги изгубивме нервите, децата – навиките и знаењето, а наставниците – желбата за работа, за неполна година спроведуваме коренита образовна реформа. Така правеле западните земји, така требало да правиме и ние. Врв на реформата (во моментов) е ставот на МОН дека децата ја граделе љубовта кон книгата од прво до трето одделение, а отпосле можеле и без книги. Во време кога таа љубов веќе е килава, кога се бориме со телефоните и таблетите за децата да прочитаат некој ред, ние ќе влијаеме дополнително да немаат поим што значи книга. Добро е да се спомне дека оваа практика почна на почетокот на оваа учебна година – еден куп деца во октомври не добија книги и ќе ја завршат учебната година со по еден-два учебника. Можеби не беше исплатливо да се печатат нови, само за една година, зашто биле планирани реформи.
Сѐ е убаво, но нешто не штима во приказната што ја пласира МОН. Тие што имале услови ќе учеле од електронски учебници, а тие што немале, училиштето ќе им печатело или секој родител ќе можел да исфотокопира. Или поинаку кажано, ги укинуваме бесплатните учебници, се префрламе на фотокопии. Барем ќе ја поттикнеме економијата – ќе има работа за фотокопирниците. Во целава ситуација има една добра вест – некои учебници се толку лоши, што навистина треба да се укинат.
Не постои разумен човек во Македонија кој има против реформи во образованието, развој, дигитализација, унапредување во согласност со новите технолошки достигнувања. Но, кога последен пат сте влегле во некое основно училиште што не било лани изградено или реновирано, без претходно да се најавите? Сте прошетате ли низ ходниците, да ве удри реата по која генерации го паметат училиштето? Сте влегле ли во некоја училница, па да седнете на потскрешните столчиња (внимавајте, се кинат здолништа од шајките), патосот половина изваден? Дали сте влегле во кабинет по хемија, билогија, физика? Дали сте виделе со што се опремени училиштата? На запад интерактивни табли беа во „мода“ пред една деценија. Ние сѐ уште имаме училишта без ниту една или има само една за да се фалиме со неа. Дали можеби посетивте некое од илјадниците ученици за кои рековте дека немаат уреди да ја следат онлајн-наставата? Или доволни беа часовите на МТВ? Кој ќе одговара за тоа што пропуштија една учебна година без образование?
Да се вратиме на почетокот. За неполни девет месеци спроведуваме огромна реформа во основното образование. Меѓу другото, затоа што децата ни биле полуписмени, решение било да споиме предмети и скратиме часови од уметничките предмети. Притоа, еден куп просветни работници, здруженија, високообразовни институции, МАНУ реагираат со аргументи, но кој да ги послуша?
Дали лани во октомври успеавте наеднаш да набавите 40.000 компјутери за сите деца што не можеа да следат онлајн-настава? Дали можете до септември да ги опремите сите училишта во Македонија со кабинети? Дали сите наставници во прво и од четврто одделение ќе бидат целосно обучени за новите програми? Кога ќе ги обучите, во јули и август?
Македонското образование 30 години пати од своеглавост и од непрофесионализам. Образовни реформи се неопходни, но темелни, добро обмислени и одлично спроведени. Покажете мудрост и одважност да ги слушнете луѓето кои работат со децата, луѓето кои поради ваквите небулози, жалат секој ден што ја избрале најблагородната професија на светот. Очигледно, треба веќе да станат погласни и да дојдат под прозорец да ви викнат!