Ликовна критика одамна нема. За да има критика неопходно е да постои општествен консензус за тоа што ова општество смета дека е вредност

Само тие што не ја разбираат уметноста и не ја сакаат вистината можат да ја укинат или да ја туркаат под тепихот на нашава накривена трошна државна градба. Истото и многу повеќе важи за историјата. Денес малкумина знаат нешто повеќе за Димитар Кондовски, Петар Мазев или Петар Хаџи Бошков. Тоа е последица на децениска негрижа на државата, на пропаднатиот образовен систем, на пропаднатите државни институции и на, за нас карактеристична, „култура на заборавот“. Погледнете само што остана од нашето културно наследство, вели ликовниот критичар Емил Алексиев.

Во соработка со онлајн уметничката галерија Фрида.мк го пренесуваме неговото интервју за да стигне до што поширока публика. Тој зборува за повеќе теми што го мачат уметникот во Македонија денес, каде е неговото место, но и колку се трудиме уметноста да им ја приближиме на новите генерации.

Алексиев е кустос советник во Музејот на Град Скопје, но повеќе години беше директор на Музејот на современата уметност. Автор на повеќе од стотина есеи, ликовни критики и текстови за теоријата на визуелните уметности, на значајни студии од областа на историјата на уметноста и монографии за творештвото на македонски уметници. Во издание на „Софија Принт“, неодамна излезе и монографијата за творештвото на Роберт Дандаров, за кого Алексиев вели дека е исклучителен уметник кој живее и работи во САД, а за чие творештво кај нас малки или недоволно се знае и не се вреднува онака како што заслужува.

Ликовната критика е речиси исчезнат вид од македонскиот медиумски простор. Покажува ли тоа каков е односот на општеството кон уметничкото творештво и кон отвореноста за критика?

– Ликовна критика одамна нема. За да има критика неопходно е да постои општествен консензус за тоа што ова општество смета дека е вредност. Значи, потребен е систем на вредности. Потребно е да постои хиерархија на вредности. Конечно, потребно е да постои идеја за вредност. А за тоа се потребни критериуми и стандарди кои ги нема. Како ќе ја знаете вредноста на што било? Како ќе знаете дека некое уметничко дело или проект се вредни? Кој е добар уметник, а кој е лош? За тоа е неопходно огромно акумулирано знаење и искуство на поколенија од што ние како општество се откажуваме во интерес на „релативизација на сите вредности“.

 

Каде е местото на уметникот во македонското општество?

– Нашата мала уметничка сцена е узурпирана од бездарници, користољупци и измамници кои ги туркаат насила добрите уметници надвор од осветлената бина. Ние не создадовме општество каде напредуваат умните и способните, туку неуките и неспособните. Истото важи за уметниците. Во едно вакво општество каде државата не создава критериуми и стандарди, каде владее непотизам, каде се негува колективна анти-културна свест и каде по децении на негативна селекција сѐ е сведено на борби за територии, позиции и моќ на кланови и на банди како во политиката, така и во културата – уметникот нема многу избор за да преживее. Тој мора да биде „поврзан“. Или ќе биде член на некоја група која се позиционирала во општеството или ќе мора да работи без општествена поддршка осамен и заборавен чекајќи некој некогаш да го открие.

Измина исклучително тешка година. Колку е важно за уметниците да ја користат дигиталната технологија и можноста за поврзување со својата публика, но и за стекнување нова?

– Не е само во прашање пандемијата и запрената глобализација. Светот драматично се менува. Аналогниот свет полека се претвора во дигитален. Овие промени доаѓаат и до нас. Современата технологија е таа која отвoра нови и неверојатни можности за уметниците. Како и секогаш усвојувањето на новите технологии е нужно и корисно. Извонредни резултати има на тоа поле и во Македонија. Голем број уметници вешто ги користат новите технологии и новите медиуми. Сепак, треба да се има на ум дека совремната технологија мора да биде во служба на уметниците, а не уметниците да и служат на технологијата. Добар пример е Фрида.мк. Социјалните мрежи се медиум преку кој уметникот може да го промовира сопственото творештво, но и да создава нови начини на комуникација и интеракција со публиката.

Монографијата на Дандаров – последно дело на Емил Алексиев

Фестивалот „Литера“ лани му посвети внимание на творештвото на Димитар Кондовски, прв пат организирајќи изложба со негови илустрации. Вие имате објавено две книги за неговото творештво од кои едната е монографија издадена од МАНУ и сте еден од најдобрите познавачи на неговиот творечки опус. Им обрнуваме ли внимание на големите имиња во насока на едукација на новите генерации?

– Денес малкумина знаат нешто повеќе за Димитар Кондовски, Петар Мазев или Петар Хаџи Бошков. Тоа е последица на децениска негрижа на државата, на пропаднатиот образовен систем, на пропаднатите државни институции и на, за нас карактеристична, „култура на заборавот“.

Погледнете само што остана од нашето културно наследство! Ние уништуваме сѐ што допреме наместо да создаваме врз темелите поставени во минатото. Нивелацијата на вредностите и девастацијата на образовниот систем е гибелна. Овој уништувачки корозивен процес кој предолго ја разјадува државата мора да запре!

Монографија посветена на Роберт Дандаров

А тоа бара знаење и умеење од кое се откажавме зошто е полесно да се симулира отколку да се стекне темелно образование и стручно знаење. За знаење и стекнување вештини се потребни години труд и макотрпна работа. Не може сѐ да се остави на нечиј ентузијазам, волунтаризам и индивидуална волја за знаење. Наспроти актуелните негативни општествени тенденции, луѓето кои го водат Фестивалот за детска литература и илустрации „Литера“ направија исклучителен потфат организирајќи изложба на цртежи и илустрации на Димитар Кондовски во Националната галерија на Македонија.

Со поддршка на семејството Кондовски тие поставија изложба заснована на продлабочено истражување на еден мошне запоставен, а мошне значаен аспект од творештвото на Димитар Кондовски. Идејата беше на Софија Семенпеева-Трајановска. Иако овој проект се организираше во услови на пандемија и протоколи за заштита од Ковид-19, поради својата атрактивност тој предизвика огромно внимание кај публиката. Сметам дека овој проект беше еден од најзначајните во изминатата година.

Сметате ли дека ликовната уметност треба да добие подобро место и во образованието на децата? Според новата концепција за основно образование се намалуваат часовите по ликовно образование.

– Ние сме загубени во шумата на релативните вредности на неолиберализмот. Како и сѐ друго во нашето општество, образованието не функционира. Тоа одамна не е функционален систем. Нема дури ниту надеж за санирање на штетите и реконструкција на системот. Се заборава дека образованието е темел на општеството. Ако тој темел е лошо поставен, што очекувате да изградите? Каква е таа држава што ја градиме врз ваков темел? Како последица од нефункционалноста на образовниот систем денес имате деградација на стручноста и на професионалноста. Општеството го препуштивме во рацете на неуките, недоучените и приучените.

Фото: „Литера“

Да им се одземе можноста на децата (или да се сведе на минимум) да стекнат визуелна култура и знаење за уметноста и историјата на уметноста значи дека државата има намера свесно да создава ограничени единки кои ќе бидат лесно подложни на секој вид на манипулација. Ние живееме во свет во кој реалноста се создава вештачки (artificial reality). Треба знаење за да разберете што е вистина, а што е лага. Денес во свет на супербрз проток на информации и на целосна достапност на тие информации имаме две третини на населението неписмени. Ништо не вреди интернетот ако не знаете да се снајдете во таа информатичка галаксија од податоци. Ќе се изгубите ако немате мапа за навигација, ако не го знаете контекстот и ако не знаете да процените што е валидна информација, а што лага и лажна вест. Современата стварност е визуелна и медиумски посредувана стварност. Уметноста е едно од можеби последните места каде опстојува вистината. Да, уметноста е потрага и откривање на вистината, а не фриволна забава. Само тие кои не ја разбираат уметноста и не ја сакаат вистината можат да ја укинат или да ја туркаат под тепихот на нашава накривена трошна државна градба. Истото и многу повеќе важи за историјата.

Монографија за Дандаров во издание на „Софија Принт“

 

 

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.