Росица Лазеска за делото „Композиција 12“ ја доби наградата „Цртеж – експериментален цртеж“ на истоимената изложба која Друштвото на ликовните уметници на Македонија вчера ја отвори во Уметничкиот центар „Арт хаб“ во Градскиот трговски центар во Скопје. Свои дела изложија 31 уметник, меѓу кои Александра Димитрова, Ана Спасова, Ангел Димовски-Чауш, Ѓорѓе Цветковиќ, Дејан Иванов-Маргуш, Дијана Томиќ-Радевска, Зулејха Зубери Али, Пандора Апостолоска-Саздовска, Сашо Саздовски, Тања Таневска…

Изложбата е традиционална и е дел од годишната програма на ДЛУМ. Основната идеја е да го задржи принципот на проширување на медиумот цртеж со експериментален пристап и решенија кои би биле предизвик за уметниците.
– Цртежот е стар начин на изразување колку и самиот човечки род. Првата повлечена црта беше знак за нов израз на преживеаните слики, беше крик. Низ историјата на уметноста се развиваше како самостоен израз кој нудеше нови перспективи, нови сознанија. Убавината на една линеарна композиција, естетската едноставност, но и комплексноста на линиите, на површините и јасното владеење на перспективите ја прави возбудлива техника со богати можности – велат од ДЛУМ.

Изложбата ќе биде отворена до 30 април, секој работен ден од 9 до 17 часот.

 

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.