Меѓународниот детски фолклорен фестивал „Оро без граници“ ќе се одржи вечерва во 19 часот на Школката во Градскиот парк во Скопје. Како дел од богатата културна понуда во градот во рамките на кандидатурата за Скопје – Европска престолнина на културата 2028, годинава, фестивалот се одржува по 32. пат. Овој настан претставува симбол на пријателствoто меѓу децата е во организација на Детскиот културен центар „Карпош“, а главен покровител е Градот Скопје.
-Еден од главните и најсимболични моменти на фестивалот е дефилето на учесниците, каде што се формира најголемото оро, оро кое не познава граници, оро кое е симбол на пријателството меѓу децата. „Оро без граници“ е празник на градот кој широко ги отвора вратите на Европа и на светот и е амбасадор на културата. Фестивалот придонесува за зачувување и презентирање на традицијата и на културата и за промовирање на знаменитостите по кои е препознатливо Скопје – вели директорот на фестивалот д-р Билјана Лалчевска Серафимовска.