„Нови правила“ е насловот на изложбата на косовската авторка Заке Прелвукај што ќе биде отворена за публика од денеска во Чифте амам во Скопје. На 25 мај во чест на изложбата ќе биде изведен и перформанс, а ќе се реализира и разговор со уметницата.

„Нови правила“ е изложба која се однесува на актуелното време во кое живееме, новиот свет во кој сме нурнати, несвесно, и на кој, сакале или не, му стануваме поклоници. Тоа е време на брз технолошки развој кој, потхранет со условите на пандемијата во која се наоѓа целиот свет повеќе од една година, од нас создаде верни следбеници кои почнаа да живеат според нови, нормално-ненормални правила. Овој клучен дискурс го обработува Прелвукај, преку избор на 20-ина дела во разновидни медиуми, надополнет и со многубројните суштински аспекти на денешното балканско општество видени низ призмата на едно критично око, а кои се однесуваат на мошне горливи социо-политички услови на егзистирање и создавање.

Важен белег за нејзиниот опус е фенимистичката доминанта, со која Прелвукај мошне храбро менаџира, и тоа од почетокот на 2000-тите години, време на поствоена и духовна криза. Таа ги рушеше правилата дека уметноста е предоминантно машка професија во косовското општество и дека уметноста треба да се занимава со модернистички концепти какви што се естетика и форма. Наспроти тие закостенети правила, таа во своите концептуални дела, уште тогаш, почна гласно да говори за политички теми кои ја преокупираа тогашната транзициска косовска сцена, но индиректно третираше и пошироки регионални проблеми, како демократија, глобализам и Европска Унија. Не се плашеше од стегите на заедницата, не се срамеше од користењето на своето тело, па дури и соблечено, за да изрази особено важни аспекти за дискурсот на жената во нашиот зачаурен балкански катахрезис. И покрај сите опоненции на востановените парадигми, сепак, Заке со својата позитивна индивидуалност и комуникативност не предизвика скандали во јавноста, умееше да избалансира во комуникацијата со публиката и да ја освои нејзината наклоност, велат до Националната галерија.

„Моето тело“ – Заке Прелвукај

Прелвукај остави белег врз развојните насоки на косовската ликовна сцена и со своето творештво, но и со својата едукаторска работа како професор на Факултетот за ликовни уметности во Приштина, а голем број нејзини студенти израснаа во влијателни фигури на светската ликовна сцена.

Куратор на проектот е Ана Франговска, виш кустос во Галеријата.

Заке Прелвукај дипломирала сликарство во 1997 година магистрирала сликарство, а од 2010 година е со титула редовен професор по сликарство. Повремено предава на факултети и културни институции во различни земји. На тема „Политика и уметност“ одржала предавање во Диксмујд, Белгија, во Музејот на мирот – најголемиот музеј во Европа, пред европските пратеници и сенатори и многу други гости. Многу нејзини дела се во сопственост на познати светски личности, а некои се дел од колекцијата на Националниот музеј на жени во уметноста во Вашингтон, единствена од ваков вид во светот. Нејзините дела се, исто така, и во колекцијата на галеријата NWG во Кембриџ и Националната галерија на Косово.

 

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.