Образованието има клучна улога во овие појави. Му помага на човекот критички да ги преиспитува информациите, да ги проверува дали се издржани, да ги поврзува во посложени целини, да го конструира контекстот на информациите, вели Сеад Џигал

Дали некогаш сте добиле комплимент: „Многу зрачиш денеска“? Тоа е точна констатација, бидејќи луѓето навистина зрачат. Овој пример често го раскажува проф. д-р Ивица Пулјак, кој до неодамна беше редовен професор по физика на Факултетот за електротехника, машинство и бродоградба (ФЕСБ) во Сплит, а веќе еден месец е градоначалник на овој приморски град во Хрватска. Со богата научна кариера зад себе (докторат на Универзитетот „Пјер и Марија Кири“ во Париз, кој денес е во рамките на Сорбона, ангажман во Европската организација за нуклеарно истражување ЦЕРН крај Женева), Пулјак отвори свој канал на Јутјуб и во емисијата „Наука во 5“ темелно објаснува поими поврзани со науката.

Една од нив е и 5Г-технологијата, нешто што лани го „вознемири“ човештвото. Низ цел свет се формираа групи што кршеа антени, на социјалните медиуми споделуваа фотографии со пцовисани птици, исушена трева, опустошена природа. И додека научниците се обидуваа со факти да аргументираат дека новата технологија не е опасна, дезинформациите се ширеа вирално. Пулјак вели:

Проф. д-р Ивица Пулјак / Извор: Youtube

– Луѓето најчесто се плашат од нештата што не ги разбираат. Во ред е да се плашите од нешто што го разбирате, тоа е вродена реакција што еволуцијата ја вградила во нас, корисна е. Кога станува збор за 5Г, многу луѓе зборуваат за зрачење, а кога ќе ги прашате што е тоа, често не знаат да одговорат, не знаат дека секое тело зрачи. Зрачењето може да биде и добро за нас и досега сме го користеле и за добри нешта, како, на пример, во лекувањето тумори – објаснува Пулјак.

Физиката докажала дека зрачење е кој било процес на емисија на енергија во облик на бранови или честички во просторот или материјата. Сите тела околу нас зрачат некој облик на енергија, зрачи Сонцето, зрачат луѓето. Но, како зрачењето од 5Г стана „толку опасно“ за човештвото?

Технофобијата не е нова појава

Според Сеад Џигал, предавач на Меѓународниот балкански универзитет во Скопје, стравот од технологијата, т.н. „технофобија“, не е нова појава. Во модерната историја таа води потекло уште од „лудизмот“ во 18 век во Европа, кога новите машини биле сметани за непријатели на луѓето, бидејќи им ги одземале работните места.
– Кога новите технологии биле пуштени во широка употреба, предизвикувале нелагодност, страв, а понекогаш дури и паника. На пример, во првите две-три децении од 20 век кога биле поставувани радиоантените имало сличен отпор – луѓето одбивале да бидат монтирани близу нивните домови, ги оштетувале и се бунтувале на различни начини. Често зад овие појави, покрај лековерноста на луѓето во непотврдени закани, се кријат одредени „комерцијални побуди“, односно подметнувања со дезинформации и заговори на групи во чиј интерес е да се откаже или барем да се забави пуштањето во употреба на некоја нова технологија. Многу аналитичари сметаат дека и овој најнов бран на паника од новите технологии е резултат на судирот на интереси помеѓу Западот, Кина, Русија и други центри на моќ, односно е поттикнат од плански дезинформации за да добие предност една од овие страни над конкурентите во експанзијата на сопствената технологија – објаснува Џигал.

Темата достигна кулминација кога луѓе масовно тврдеа дека пандемијата од ковид-19 е предизвикана од 5Г-технологијата. Зошто луѓето толку лесно веруваат во нелогични информации? Џигал вели дека во оваа „теорија“ се гледа заживување на една веќе видена теорија на заговор од почетокот на 20 век. Во 1918 и 1919 година се забележани случаи кога биле уништувани радиоантените поради проширените гласини дека тие се причина за ширење на шпанскиот грип. Според Џигал, стравот и неизвесноста многу го олеснуваат ширењето на гласините и на теориите на заговор, бидејќи во човековата природа е потребата да бара објаснување за сопствените страдања и искушенија. Умберто Еко тоа го нарекува „конспирациски синдром“, односно тогаш кога вистинските одговори се комплексни или недостапни, често се посегнува по „логични“ и лесно разбирливи квазиобјаснувања.

Сеад Џигал

– Комуникациската и психолошката функција на овие квазиодговори е задоволување на нашата потреба да креираме одредена смисла околу тоа што ни се случува. Конспирациите се обидуваат да го премостат јазот помеѓу информациите и смислата. Овие креирани и проширени конспирации ни даваат лажно убедување дека разбираме што навистина се случува, која е вистинската смисла на нашите стравови и страдања. Се самозалажуваме себеси за да си ја смириме совеста дека сме свесни што се случува околу нас, и ова делумно ги намалува нашите стравови. Всушност, потребата од конспирации, чие вирално ширење интернетот го овозможува и го олеснува, е многу блиска со потребата на раноцивилизациските култури да креираат митови и легенди. Овие современи конспирации добиваат нови форми и побрзо се шират, но се предизвикани од психолошки механизми, кои тлеат во нас без разлика на степенот на нашиот цивилизациски развој – објаснува Џигал.

Македонија и Балканот се подложни на разни суеверија и лековерност

Убедливоста на современите конспирации добива на сила тогаш кога тие масовно ќе се прошират. Ако за нешто слушате насекаде, тоа полека почнува да добива на релевантност, со самото тоа што сите зборуваат за тоа, вели Сеад Џигал.
– Спојот на конспирација и нејзиното масовно ширење создава широко прифатено убедување што полека станува „реалност“. Во средниот век така се креирало убедување дека некој е вештерка или слуга на ѓаволот, а во 21 век, пак, различни нови или преџвакани конспирации добиваат свои следбеници. Македонија и Балканот се подрачје што е доста подложно на разни суеверија и лековерност. Само погледнете колку се сеприсутни и влијателни различни гатачи, читачи на судбини, видовити луѓе, надрилекари и слично, па ќе ви стане појасно зошто ваквите дезинформации и конспирации виреат и лесно се шират кај нас – објаснува тој.

Психологијата на толпа на интернет „живее на стероиди“

И во Македонија повеќе научници се обидуваа да ги објаснат разликите помеѓу јонизирачко и нејонизирачко зрачење, но секој аргумент мнозинството најчесто го одбиваше со контрааргумент: „Платени се да го кажуваат ова“. Џигал е дециден дека образованието има клучна улога во овие појави. Му помага на човекот критички да ги преиспитува информациите, да ги проверува дали се издржани, да ги поврзува во посложени целини, да го конструира контекстот на информациите… Што помалку луѓе го прават ова, толку полесно се шират дезинформациите и конспирациите. Што повеќе луѓе веруваат во нешто, толку порелевантно станува тоа.

– Науката и образованието ни помагаат да правиме разлика помеѓу фактите и убедувањата, односно фактички фундираната реалност и конвенционално прифатените објаснувања за реалноста. Кога Џордано Бруно јавно ги објавил своите наоди дека Земјата е тркалезна, неговите научно испитани факти биле во судир токму со „конвенционалната реалност“ односно со проширените убедувања дека Земјата е рамна. Тој во борбата за своите научни факти го жртвувал својот живот, а Галилео Галилеј морал јавно да се откаже од нив за да ја сочува сопствената глава. Оваа борба продолжува и денес. Науката и образованието се одлично средство за борба против суеверијата, конспирациите, митовите и различните ирационални стравови што се многу проширени и денес. За жал, науката и образованието денес губат доверба поради својата подложност на комерцијализација и честото игнорирање на етичкото работење, но тоа не е причина да се откажеме од нив. Потребно е да ги заживееме не само во производство на материјални добра и технологии, туку и во нивниот капацитет за разбирање на животот, а со тоа и подобрувањето на квалитетот на нашето живеење. Тоа е клучната одговорност на денешните генерации на научници и едукатори – вели Џигал.

Интернетот денес е главен трансмитер на (дез)информациите – бесконечен океан каде што можете да објавите и труд за Нобелова награда и најголема бесмислица во која ќе веруваат милиони следбеници. Од тој аспект, индивидуалното расудување е единствен филтер на вистинска информација и дезинформација. Џигал вели дека интернетот преку длабинските промени на комуникацијата, длабински ги менува сита нивоа на нашите култури. Но, како и секоја технологија, има позитивни и негативни страни, кои се испреплетуваат со начините како избираме да ја користиме технологијата, за нешто полезно или за нешто неетичко и штетно.

Фото: Pixabay

– Особеноста на интернетот за инстантна комуникација што ги надминува просторните ограничувања се покажа како клучна за ширењето на штетните содржини. Се потврди изреката, која веројатно погрешно му се припишува на Марк Твен, дека лагата го заобиколува светот додека вистината уште се обидува да ги обуе чевлите. Расчекорот во брзината на комуницирањето на дезинформациите и фактите што ги коригираат лагите стана уште подрастичен во ерата на интернетот. Со самиот наплив на огромен број дезинформации, фактите станаа игла во пласт сено и често ја губат битката за вистината со самото тоа што се потиснати од цунамито на дезинформации – вели тој.

Втора клучна особеност на интернетот за овие штетни појави што преку социјалните мрежи помогна злонамерните и лековерните корисници побрзо и помасовно да се поврзат, да создадат свои врски и групи, и на одреден начин да се охрабруваат помеѓу себе во бранењето и ширењето на дезинформациите и конспирациите. Психологијата на толпа, се чини, на интернетот „живее на стероиди“, односно се зајакнува и станува поголем проблем отколку во директната комуникација.

– Но, сето ова не значи дека треба да се откажеме од интернетот како технологија или да ја смениме неговата слободарска природа. Дигиталната трансформација нѐ принудува да се престроиме во тоа како ги користиме новите комуникациски технологии, да развиеме правила и навики за заштита и санкции, да го унапредиме образованието за нив и да ги ревитализираме етичките вредности во нивната употреба. Пандемијата и инфодемијата што ја проследи, ме потсетија помалку на онаа реченица на Пол Валери напишана веднаш по Големата војна во 1919 година: „Цивилизацијата е кревка како и човечкиот живот“. Да се надеваме дека овие денешни искуства ќе нѐ мотивираат посериозно да ја разбереме сопствената одговорност во сочувувањето на јавните и на цивилизациските добра при комуницирањето и користењето на новите технологии – завршува Џигал.

 

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.