Поради големиот интерес, изложбата посветена на 90 години од раѓањето на Иван Велков во Чифте амам ќе биде отворена до 26 април. Делата на големиот уметник се изложени веќе еден и пол месец. На изложбата се претставени 90-ина дела од сите творечки фази на Велков, а се дел од колекциите на Националната галерија, Музејот на современата уметност, заводите за заштита на спомениците на културата и музеи од Охрид и од Штип, Центарот за култура „Антон Панов“ од Струмица, семејството Велкови и од приватни сопственици.

Дело од Иван Велков (фото: НГСМ)

Авторки на изложбата се вишите кустоси Маја Чанкуловска-Михајловска и Маја Неделкоска-Брзанова.
Велков (1930-2008) спаѓа во рангот на еминентните македонски сликари, воедно и универзитетски професор, кој одигра особено значајна улога во развојот на македонското сликарство во 1960-тите.
– Велков, без двоумење, се вбројува меѓу најзначајните македонски автори, кој со своето творештво внесе сопствени иновации, но и дел од движењата од светската ликовна сцена кај нас. Невозможно е да се дефинира неговото комплексно творештво преку неколку стилски одредници и во само една-две реченици. Тој се издвојува и е забележан во историјата на македонската ликовна сцена како автор на препознатливи дела со експресионистичка, кубистичко-конструктивистичка, геометриска и лирска апстракција, а одигра особено значајна улога во развојот на македонското сликарство во 1960-ите“ – велат кустосите.

фото: Денис Јагџи

Од Национална галерија велат дека посебно задоволство претставува интересот на претставниците на дипломатскиот кор. Пред неколку дена изложбата ја посети амбасадорот на Јапонија, Хиронори Савада со сопругата. Директорката на Дита Старова-Ќерими му ја претстави и постојаната поставка на амбасадорот, а разговараа и за понатамошна соработка.
Изложбата на Иван Велков може да се посети секој ден во неделата, освен понеделник, од 10 до 18 часот.

Насловна фотографија: Игор Василев

 

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.