Гледајте го „Патешествието на принцот“ и учествувајте на фил(м)ософската работилница за деца со Мартин Поповски

Работилница „Фил(м)ософија со деца“ со д-р Мартин Поповски, во рамките на Филозофскиот филмски фестивал ќе се одржи на 29 мај во 19 часот на платформата „зум“ и ќе трае 45 минути. Услов дете да учествува на работилницата е да го изгледа филмот „Патешествието на принцот“, кој е достапен на VoD-платформата Cinesquare.net. Ако интересот е голем, ќе се одржи уште една работилница од 18 часот, велат организаторите.
– Целта на работилницата е низ филозофска промисла инспирирана од филмската уметност, да ги негува и развива детската вчудовиденост, љубопитноста, критичкото и творечко мислење и имагинацијата, врз база на принципот „не постои погрешен одговор“, без притоа детето да биде наведувано или да му бидат наметнувани гледишта и ставови кои самото низ својот критички апарат ги нема промислено. Овие цели се на линија со препораките на УНЕСКО која во светски рамки ја промовира филозофијата со деца како основа за интеркултурен дијалог и општествена трансформација – велат организаторите.

Сите заинтересирани може да се пријават на оваа ГУГЛ ФОРМА (скролајте надолу низ документот).

Работилницата „Фил(м)ософија со деца“ ќе ја раководи д-р Мартин Поповски, доктор на науки од областа на филозофијата на науката, магистер од областа на методиката на наставата по филозофија и реализатор на часови по филозофија со деца во „Училница“ (платформа за едукација на деца и млади). Тој е пионер во областа на филозофијата со деца во Македонија промовирајќи, разработувајќи и реализирајќи ја оваа идеја од 2013 година. Програмата „Фил(м)ософија со деца“ како дел од едукативниот сегмент од годинешното издание на Филозофскиот филмски фестивал е организирана во соработка со дистрибутерската куќа „Узенгија“, VoD платформата Cinesquare (cinesquare.net), Францускиот институт – Скопје и Платформата за едукација на деца и млади „Училница“ (ucilnica.mk).

„Патешествието на принцот“ (Франција/Луксембург) е анимиран филм за деца во режија на Жан-Франсоа Лагиони и Ксавиер Пикар. Лорен, стариот принц на мајмуните, се буди на непознат брег на земјата Ниокус, на кој се насукал по бродска несреќа. Него го пронаоѓа 12-годишниот Том, а неговите родители му обезбедуваат засолниште. Родителите на Том се научници во егзил: биле протерани од нивната поранешна заедница бидејќи верувале дека постојат и други мајмунски цивилизации. Принцот прво ќе биде подложен на научни испитувања, а потоа заедно со Том, ќе шетаат низ главниот град и блиската џунгла, каде што ќе откријат непознат и волшебен свет. Но, принцот ќе ги запознае и ригидните правила кои важат во тој необичен свет за него…

 

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.

Сподели