Поплавени и распаднати читални, искршени столчиња… Очајни фотографии од Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во центарот на Скопје деновиве се вртат на социјалните мрежи. Ги снимиле студенти кои подготвуваат испити во читалните. Велат дека итно бараат реновирање на објектот според сите стандарди.

Од Министерството за култура под чија надлежност е националната библиотека велат дека министерката Ирена Стефоска минатиот месец испратила комисија во ненајавена работна посета на НУБ.

– Со извршениот увид констатирани се бројни слабости. Поради негрижа, објектот со години е запоставуван и доведен во исклучително лоша состојба, а хигиената е одраз на „домаќинското“ однесување на менаџментот – велат од Министерството.

Комисијата за Инвестициско одржување, осигурување, адаптација и набавка на опрема при Министерството за култура во февруари годинава доставила извештај со кој за Нацрт-годишната програма за работа на НУБ не ги прифати барањата заради погрешна и непотполна документација.

– Барањата биле за набавка на лифт, за сервисирање на системите за ладење и греење и за санација на покривот на стариот објект. Овие барања треба да се достават до Програмата за инвестиции во културата каде што, доколку конкурирале, би им биле одобрени бараните средства за санација на покривот за која проектот е веќе направен. И во овој случај се работи за недоволна ангажираност на раководните лица – децидни се од Министрерството.

По наредба на министерката за култура од 5 мај годинава во НУБ биле извршени два вонредни инспекциски надзора од аспект на спроведување на одредбите од Законот за култура и од Законот за библиотеки. По завршување на целата постапка, Министерството најавува дека ќе ја информира јавноста за извештаите на инспекциите.

 

Фото: студенти што учат во НУБ

 

 

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.