„Вонсериско издание“ – напиша „Сандеј Тајмс“ за новото цеде на Симон Трпчески

„Вонсериско издание“ – оценува лондонски „Сандеј Тајмс“ образложувајќи го својот избор за албум на неделата! Во издание на престижната британска етикета „Лин Рекордс“, од денеска официјално излегува најновиот компакт-диск на македонскиот пијанист Симон Трпчески на кој заедно со Јаначек филхармонискиот оркестар од Острава, Чешка и прославениот диригент Кристијан Мачелару од Романија, изведуваат програма со дела од Шостакович.

„Станува збор за еден производ од оваа пандемија што јас го иницирав за да бидам продуктивен кога веќе немав концерти, вели Трпчески во изјава за Македонското радио.
– Заедно со „Лин Рекордс“, Јаначек филхармонискиот оркестар од Острава и романскиот диригент Кристијан Мачелару, кој е шеф-диригент на Националниот оркестар на Франција, како и првиот трубач на овој оркестар – Андреј Кавалински од Белорусија, на моја иницијатива успеавме да организираме да се снимат двата пијано концерти на Дмитри Шостакович, како и на второто трио за виолина, виолончело и пијано, со моите драги колеги од проектот „Македонисимо“ – Александар Краповски и Александар Сомов. Овој избор е еден опис на различните творечки периоди од животот на Шостакович, а кои сведочат за неговата креативност и оригиналност. Мило ми е што уште и пред официјалното денешно излегување пред пошироката публика ова цеде доби прекрасни критики“ – вели Трпчески.

Трпчески синоќа во Стразбур настапи како солист на првиот од двата концерта со Стразбуршката филхармонија на затворањето на нејзината сезона. Вечерашниот (28 мај) втор концерт на кој под диригентската палка на маестро Марко Летоња од Словенија, нашиот пијанист настапува во изведбата на Концертот број 2 за пијано и оркестар од Сергеј Рахмањинов, директно ќе биде емитуван на телевизијата „Медичи“, соопштува „КултурОп“.

В недела (30 мај) Трпчески во Софија ќе настапи прв пат со Софиската филхармонија. На покана од неговите големи пријатели, виолинистот Александар Краповски и бугарскиот виолончелист Александар Сомов, под диригентската палка на Григор Паликаров, на програмата ќе биде Тројниот концерт за виолина, виолончело, пијано и оркестар од Бетовен.

Во јунскиот распоред се и настапите како солист со Санктпетербуршката филхармонија и диригентот Николај Алексеев на нивната матична сцена, потоа и двата концерта со Симфонискиот оркестар на регионот Астуриас во Шпанија, како и концертот на затворањето на сезоната на Романскиот радиски камерен оркестар во Букурешт под палката на актуелниот шеф-диригент и на македонските филхармоничари, Габриел Бебешелеа.

На овој концерт се поканети и играчите и стручниот штаб од македонската фудбалска репрезентација како поддршка за нивните историски настапи на Европското првенство, кои Трпчески возвратно ќе ги бодри од трибините.