Кралското монетоковање на Пајонците е темата на второт едукативно видео од Нумизматичката збирка на Народната банка
„По асимилацијата на јужните пајонски племиња од страна на македонските кралеви во 5 век пр.н.е., на Пајонците им останала територијата на север која во голем дел се совпаѓала со територијата на денешната македонска држава. Обединети од сопствените кралеви, таму Пајонците го создале своето кралство“, се вели во вториот едукативен видеоматеријал преку кој Музејот на Народната банка ги претставува најексклузивните и најзначајните парични изданија коишто биле произведувани на територијата на современата македонска држава, почнувајќи од 6 век пр. н. е., сè до отоманскиот период. Сите експонати се дел од Нумизматичката збирка на Народната банка.
– Историските и нумизматичките податоци го потврдуваат кралувањето на неколку владетели од кралската династија. Сепак, во пајонскиот монетарен круг постојат и владетели познати само од нивните монети. Од нив е посебно значаен Тевтај. Од научничките индиции тој речиси има сигурно пајонско потекло. Србрениот диобол што носи натпис со неговото име, всушност е единствениот сведок за неговото некогашно постоење. Официјалните почетоци на кралското монетоковање се врзуваат со Ликеј, околу средината на 4 век. пр.н.е., кога Пајонија му била подредена на македонскиот крал Филип Втори – се вели во видеото.
Од музејот велат дека преку ваквите форми на музејска едукација ги промовираат заложбите за зачувување на културното наследство, но и за одржување на јавната меморија за универзалната вредност на минатите цивилизациски достигнувања како фундаментален човеков принцип за постигнување сегашна општествена стабилност и иден технолошки напредок.
КАКО БИЛАЗОРА МОЖЕ ДА ЈА СМЕНИ ИНДОЕВРОПСКАТА И АНТИЧКАТА ИСТОРИЈА?
Умно.мк неодамна почна серијал за состојбата на Билазора, престолнината на Пајонците во 5 и 4 век пр. н. е. Поради лоша координација на надлежните институции, објектите откриени на локалитетот кој се наоѓа кај селото Кнежје, Светиниколско, се во девастирана состојба. Министерството за култура најави поддршка на проектите за конзервација на локалитетот.
Извор на насловна фотографија: НБРМ
Видео: Музеј на Народната банка