Во време на предизвици за културата и човековото дејствување во сферата на чувањето и промовирањето на културното наследство, Музејот на Народната банка изработи шест кратки едукативни видеоматеријали за најексклузивните и најзначајните парични изданија коишто биле произведувани на територијата на современата македонска држава, почнувајќи од 6 век пр. н. е., сѐ до отоманскиот период. Сите експонати се дел од Нумизматичката збирка на Народната банка.

– Секоја видеобелешка ѝ е посветена на засебна монетоковачка активност во одделен историски период, претставувајќи единствена наративна серија што говори за паричната продукција на пајонските племиња, на пајонските кралеви, на македонскиот град Лихнид, на римскиот град Стоби, на средновековниот крал Волкашин и крале Марко и на отоманските ковници во Скопје, Кратово и Охрид – велат од Нумизматичката збирка на Народната банка.

Преку ваквите форми на музејска едукација, и натаму ги промовираме заложбите за зачувување на културното наследство, но и за одржување на јавната меморија за универзалната вредност на минатите цивилизациски достигнувања како фундаментален човеков принцип за постигнување сегашна општествена стабилност и иден технолошки напредок, велат од Музејот.

Извор на насловна фотографија: НБРМ

Видео: Музеј на Народната банка

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.