Без добра подготовка на наставниците и без опрема за учениците – дигитализацијата е невозможна мисија

Печатената книга не може да се замени – тоа е звукот на вртењето на страницата, мирисот на стара книга земена од библиотеката на нечии родители или и моментот кога аголот на прочитаната страница е свиткан за да можеме да се снајдеме и пак да продолжиме, замислувајќи си што може да се случи во приказната – вели Пјер Жименез, педагошки директор на ЕФИС во Скопје

Новиот предлог-закон за учебници со кој од корен се менува начинот на учење и на предавање на наставниот материјал ја крена јавноста на нозе. Родителите и наставниците се загрижени, од Министерството за образование и наука смируваат дека реформите ќе се спроведуваат постепено и дека мора да гледаме во напредокот на образованието. Умно.мк направи мала анализа на образовните системи низ Европа, преку искуствата на ученици во тие земји. Истражувањето покажа дека печатени учебници се користат во регионот, во Словенија, Чешка, Германија, Франција, Шведска, Финска…, a дигиталните учебници се дополнителна алатка. Во Велика Британија се преферираат дигиталните.
Приватното основно образование има веќе повеќе од дваесетгодишна традиција во Македонија. Успешните училишта работат според интернационално признати програми во паралелки кои според бројот на ученици се и три пати помали од македонските. Ги прашавме од какви материјали учат и дали им даваат предност на дигиталните во однос на печатените учебници.

ЕФИС: Погрешно е да се каже дека е-учебниците се доволна алатка

Во Француското интернационално училиште ЕФИС во Скопје електронските учебници се користат малку и покрај тоа што нивната употреба е во подем со ковид-кризата. Педагошкиот директор на ЕФИС, Пјер Жименез вели дека учениците од новите генерации се способни да работат и со хартиени учебници и на електронски медиум, и во тоа се многу повешти од возрасните.

Настава во Француското интернационално училиште – ЕФИС

– Сепак, би било погрешно да се каже дека е-учебниците се доволна алатка. За време на кризата и наставата со учење на далечина низ целиот свет, сите ја видоа важноста на часовите лице в лице и помошта дадена од наставниците. Начинот на кој наставникот ќе го прилагоди своето предавање за неговите ученици е од суштинско значење. Покрај користењето на другите алатки во учењето, хартиениот медиум дава вкус за читањето. Она што ќе им даде на учениците вкус за читање се прочитаните книги и начинот на кој наставниците ги оживуваат за учениците. Печатената книга не може да се замени – тоа е звукот на вртењето на страницата, мирисот на стара книга земена од библиотеката на нечии родители, моментот кога аголот на прочитаната страница е свиткан за да можеме да се снајдеме и пак да продолжиме, замислувајќи си што може да се случи во приказната – вели Жименез.

Пјер Жименез, педагошки директор на ЕФИС (фото: ЕФИС)

IPS – Секој ученик добива дигитални помагала

International Primary School го следи примерот и насоките на International Baccalaureate WORLD SCHOOLS и заедно со 5.000 училишта во ЕУ и низ светот, учебници за учениците не се користат ниту во прво одделение, ни изјави Тања Тодоровски, директорка на училиштето. Но, тоа не значи дека не се користат книги.

Читањето слободна литература е секојдневие во IPS

– Многу се внимава нашите наставници да располагаат со обемна литература и различни примери, како и линкови за претходно планираната програма. Децата учат и секогаш е различно и интересно, зашто не е земен пример од една група автори, туку им се дава слобода и ресурси и алат (дигитален и печатен, дидактички средства и енциклопедии) на наставникот. Тоа, според нас, треба да е придобивка во образованието. Мора да напоменеме дека без поддршка и ресурси за наставникот, такво нешто е екстремно тешко да се изведе. IPS располага со дигитални помагала за секој ученик на кои се следат и пребаруваат најдобрите светски енциклопедии и таа вештина да се дојде до одговор по дигителен или печатен извор, децата ја осознаваат и користат уште во прво одделение. Секако, овој начин на учење покажа многу резултати и задоволство кај учениците и наставниците – вели Тодоровски.

Тања Тодоровски, директорка на IPS

На прашањето за дигитализирањето на државното образование, Тодоровски вели дека е добра идеја, но „без добра подготовка на наставниците, обезбедување на добри ресурси за секој ученик, тоа би било невозможна мисија!“

NOVA International Schools: Во основно, сакаме колку е можно повеќе децата да се изложени на физички материјали

Како се реализира настава во NOVA International Schools? Филозофијата на ова училиште е дека ниту ученик, ниту наставник не треба да се врзува за учебник. Кога се спрема една тема со наставни планови и лекции, таа треба да следи одредена рамка и да учи на одредени вештини и стандарди кои се пренесуваат преку разни материјали и активности, (не)вклучувајќи и учебник.
Разговаравме со Ивана Брајановска, курикулум координатор во ова училиште. Таа објаснува по предмети како се реализира наставата.

Ивана Брајановска, NOVA International Schools

Литература: По овој предмет се следат два паралелни курикулума – еден за читање, а другиот за пишување. Кај најмалите имаме и додатен курикулум за букви и фонолошка свесност. Читањето се изучува преку автентични текстови, т.е. децата учат и применуваат вештини во автентична детска литература (наспроти приказни извадени од буквар или читанка). Пишувањето го изучуваат од аспект на вистински писатели – поминуваат низ процесот на пишување (идеја, организација, поправка на текстот… итн.) и сето тоа го прават преку следење примери од автентична литература. Со самото тоа, немаме ни потреба од учебници во основно, туку се употребуваат книги од библиотека и сите овие книги се избрани да одговараат на нивоата на читање кај секое дете. Во пониските одделенија, децата учат букви преку мултисензорна програма во која се употребуваат разни манипулативи (магнетчиња, таблички) и разни активности (групни, индивидуални) за да се осознаат буквите и да се развие фонолошка свесност (рима, сегментирање на звуци, слогови). За ова, секое дете има своја посебна работна тетратка за почетно пишување, но не и учебник.

фото: Nova International Schools

– Ние употребуваме и дигитална автентична литература, како и дигитални верзии од споменатите ресурси. Иако пандемијата дополнително нѐ натера да ја зголемиме дигиталната опременост и пред неа ние употребувавме книги во електронска форма, се разбира по потреба. Во основно, сакаме колку е можно повеќе децата да се изложени на физички материјали.

Математика: По овој предмет секое дете има свој учебник и своја работна тетратка. Моментално сме во процес на менување на програмата, но и новата која ќе ја воведеме исто така го обезбедува истото – учебник и работна. И покрај тоа, наставниците не се врзуваат за учебникот, туку предаваат преку активности и разновидни ресурси. Учебникот најмногу се употребува како еден од ресурсите, а работната тетратка како алатка за вежбање и домашна работа. Пред пандемијата, иако овие материјали ги имавме во електронска форма, учениците многу ретко ги употребуваа во истата. Само доколку има потреба (отсутно дете, неможност да се земат материјалите од училиште…) тогаш се испраќа е-верзија од домашната или изученото. Во секој друг случај се употребува физичката копија. Секако пандемијата ја зголеми потребата од електронскиот формат, но како со старата (сегашната) програма, така и со новата, секое дете има физичка копија од учебникот и работната, а наставникот има електронска верзија од секој ресурс за да се употреби кога е потребно.

Општествени и природни науки: Основата на овој предмет е истражувањето. Се спроведува преку активности, проекти и експерименти преку кои се совладуваат вештини. За истражување, потребни се разновидни ресурси т.е. богата литература. Оваа литература кај нас е делумно во физичка форма (книги од библиотека, принтани статии…), а делумно во електронска (официјални научни сајтови, онлајн-статии), па со самото тоа учебник не е потребен.
Пред пандемијата, голем дел од ресурсите се користеа во физичка форма, иако ги имавме и во електронска. Сега започнавме многу од ресурсите да ги користиме како електронски, но само доколку не можеме да ги користиме физичките (на пример, кога едно одделение одеднаш оди во изолација и поради изолацијата не може да дојде да си ги земе учебниците/ресурсите). Иако постојано го збогатуваме „дигиталниот дел“, сепак со најмалите се трудиме да им ги понудиме двете опции, а да инсистираме на физичката опција заради природата на тоа што го изучуваат (на пример формирање на букви).
– Би сакала воедно да нагласам дека овие предмети се во основното училиште со одделенија од предучилишна возраст до 5 одделение. Но, иако предметите во погорните одделенија се различни, го делиме истиот став и начин на работа со учебници и нивниот формат – вели Брајановска.

 

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.

Сподели