Вајарот Андреј Митевски, за своето дело „Форма која се раѓа“ ја доби наградата „Владимир Георгиевски“, што ја доделува здружението за култура „Транзен“ од Струмица по четврти пат. Наградата досега ја имаат добиено уметниците Александар Иванов, Гордана Хаџи Николова Малашев и Владимир Илиевски. „Несовршен простор“ е изложба на која во Струмица се собираат ликовни уметници од цела земја, за да го пронајдат заедно совршениот простор за изложување. Идејата се наметна од немање адекватни простори за изложување во градот и долгогодишно талкање по совршено место за изложба на ликовни дела.

Во EU House ќе бидат изложени дела на 16 сликари и вајари што го истражуваат феноменот на метаморфозата: Андреј Митевски, Тони Попов, Милан Андов, Ване Костуранов, Дамјан Ѓуров, Никола Пијанманов, Стефан Младеновски, Ѓорги Динев, Љупка Галазка Василев, Марија Мицова Гацова, Владимир Илиевски, Илија Маџаров, Илко Стојановски, Славица Милева, Давид Атанасоски и Верица Арапова.

Здружението за култура „Транзен“ кое е носител на проектот, уште од првата изложба реши да се сеќава на големиот македонски ликовен мајстор, професорот Владимир Георгиевски. Затоа во негова чест секоја година се наградува еден уметник со наградата која ја носи името на професорот.

Творештвото на Андреј Митевски е континуирана борба со суровиот и цврст материјал, кој се преобразува во нешто ново, кревко и живо. Скаменетите форми треперат пред мермерот, каменот, травертинот, како во грч, подготвени да се ослободат од нив. Од најцврстото, се раѓа најмекото. Лист, дланка, пердув, бршлен, бесконечна билка…Судирот меѓу мекото и суровото во неговото творештво, потсетува на стиховите од Лао Це: Слабоста е сила, цврстината е слабост.

Во текстот на каталогот, ликовниот уметник и куратор на изложбата Никола Пијанманов, запиша:
„Кога се разбуди Грегор Самса едно утро, после немирните соништа, примети дека се претворил во една огромна бубачка која лежи на креветот…Што е тоа што се случило со мене? Тоа не е сон… “

Вака Франц Кафка го започнува својот расказ „Метаморфоза“, во кој главниот јунак (или антијунак) се буди од еден кошмарен сон, за да потоне во уште покошмарно јаве. Неговиот лик сака да ја надмине состојбата во која е заглавен, состојба на секојдневието и тој потсвесно бара излез од неа. Нашите животи се една континуирана преобразба во која согорува старото Јас. Таа преобразба, зависно од соништата кои ги сонуваме и јавето кое го живееме е или страшно сновидение, или излез и спас од кошмарниот свет на секојдневието. Уметникот е мајстор на преобразбите. Тој ги конвертира своите модели и замисли во нешто друго, поинакво од сенките на секојдневните форми и видливи објекти. Уметникот е алхемичар во метаморфозата на секој објект, од кој произведува или нови форми или нови неформи. По операцијата која ја врши врз моделот, тој не може да остане ист. Тој се преобразува. Но, можеби најчудесниот феномен во тој креативен процес, не е самата преобразба во делото, туку преобразбата на самиот творец кој го креира тоа дело. Творецот се преобразува во нешто друго додека го создава своето дело. И тој процес ги надминува естетските скалила на издигнување.
Преобразбите се неосетни, а преобразувањето остава лузни, траги. Бележењето на трагите е можеби единствениот начин да се запознаеме себеси. Од дете до старец, од ембрион до ковчег, зар постои крај на преобразбите? Не! Затоа можеби и најсилната, најтаинствената преобразба е онаа последната, онаа за која секој се родил и постоел на светот. Преобразбата на смртта во…

 

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.