Светски ден на жените во науката: На „Св. Апостол Павле“ во Охрид од пет факултети, дури три ги водат деканки

За да го добијат заслуженото место во науката на жените им треба пред сè поголема храброст, а на општеството – желба и акција за надминување на стереотипите, вели Јованка Дамоска-Секулоска, доцент професор на УИНТ

11 февруари е Интернационален ден на жените и девојчињата во науката. Колку да изгледа неверојатно, но Македонија е една од земјите лидери по застапеноста на жените во науката. Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ од Охрид е еден од позитивните примери каде застапеноста на мажите и жените е речиси идентична по прашањето на родовата рамноправност. Поразговаравме со неколку професорки, асистентки кои ни го споделија нивното искуство.

Проф. д-р Елена Хаџиева, доктор на математички науки

– Можеби математиката е една од ретките професии, каде што мнозинството од запишаните и дипломираните студенти се жени. Ако се погледне листата на алумни на Институтот за математика, каде што дипломирав, дури 88 од наведените 108 дипломирани се жени, што е 81,5 отсто од вкупниот број дипломирани. Отприлика тој сооднос е запазен помеѓу вработениот наставно-научен кадар на универзитетите низ Македонија. Се сеќавам кога бев вработена на Факултетот за електротехника и информациски технологии, чувствувавме недостиг на вработени мажи математичари кои би можеле да ги носат по скалите и ходниците испитните тетратки (кои понекогаш ги носевме по 100-150 и навистина беа тешки).

проф. д-р Елена Хаџиева

Во европски рамки, ова е редок случај на таква голема застапеност на математичарки на универзитетите (најчесто оваа застапеност е 20-40 отсто). Како македонски национален координатор на Европското здружение на математичарки (European Women in Mathematics – EWM) сум присуствувала на состаноците на кои останатите европски национални координатори загрижено известуваат за слабата застапеност на математичарки во нивните земји и бројните активности кои се преземаат за тоа да се смени.

Полот воопшто не е пресуден за да се напредува во науката во Македонија. Мажите и жените имаат подеднакви можности, доколку имаат квалитет и доколку се спремни да вложат труд и време во постојано учење и работа. На УИНТ отприлика распределбата на вработени мажи и жени е рамномерна. Мотивацијата за секоја работа е да се има достоинствени услови за работа. Не се работи само за достоинствена плата, туку за оваа наша професија е потребна поддршка на научната работа во форма на достапност до научните списанија, фондови за научна работа, финансиска поддршка за учество на конференции, административна поддршка за пишување проектни апликации, посоодветна ангажираност во наставата (засега повеќето сме оптоварени со многу настава) за да може да се избалансираат наставната и научната дејност.

Можеби, конкретно за девојчињата, би било убаво да знаат дека оваа професија не е физички тешка, доста е флексибилна (може да се работи и навечер, кога другите спијат), дека оној природен нагон на жените да се грижат за други може овде да се реализира низ грижата за студентите и дека напредувањето во оваа професија зависи најмногу од личниот ангажман, а помалку од други луѓе или околности.

доц. д-р Јованка Дамоска Секулоска

Јованка Дамоска Секулоска, доцент професор

– Односот помеѓу жените и мажите како научници/истражувачи, генерално  и во рамки на високото образование е изедначен, иако бројот на жени кои докторирале покажува поголем тренд кај нас. Меѓутоа, учеството на жените како раководители на високообразовните и научни институции не ја одразува ваквата пропорционалност. Автоматски тоа повлекува соодветна родова нееднаквост од финансиски аспект, како и во однос на сите оние можности и привилегии за напредок во кариерата што ги носи раководната функција.

За да го добијат заслуженото место во науката на жените им треба пред сè поголема храброст, а на општеството – желба и акција за надминување на стереотипите. Во таа насока, активностите треба да се насочени кон разбивање на предрасудите, а жените треба да веруваат во себе и во сопствените способности како резултат на својата научно-истражувачка работа и образование. Исто така, самите институции треба да покажат спремност и активност кон поголема вклученост на жената во науката, бидејќи ангажманот што се заснова на квалитет е во интерес и на самите образовни и научни институции.

УИНТ претставува позитивен пример за институција во која жените како академско-научен кадар се еднакво застапени во однос на мажите, што не е случај кај другите технички и инженерски високо-образовни институции каде жените се дури помалку од една третина. Универзитетот исто така претставува позитивен пример, а можеби и единствена институција каде од вкупно 5 факултети на 3 од нив функцијата декан ја извршуваат жени.
Она што посебно нè радува како Универзитет од ИТ-секторот е тенденцијата на континуиран пораст на бројот на запишани и дипломирани студентки, што би требало да продолжи имајќи ја предвид сè поголемата побарувачка за ИТ-инженери на пазарот за труд.

– За да се занимавате со наука неопходна е љубов и упорност. Мотивацијата кон наука претставува повеќедимензионален процес во чие креирање освен личните карактеристики и квалитети, значајно влијание имаат семејството, образованието и ориентираноста на државата/општеството кон науката. Влијанието на семејството се манифестира преку вредностите кои се негуваат во него и поддршката која една девојка или жена треба да ја добие од најблиските за да се занимава со наука. Образованието има одлучувачко влијание врз идниот избор да се занимаваме со наука. Тука, пред сè, посебно значење имаат квалитетот, креативноста, иновативноста и насочувачката улога на наставниците и професорите кои може стимулативно или дестимулативно да влијаат врз идната научна ориентација на девојчињата. Како трет фактор ќе го истакнам влијанието на општеството и државата. Ако младите гледаат дека државата ја поттикнува науката, инвестира во истражување, иновации и развој на млад научен кадар и ја користи науката за да креира одржлив развој на економијата, тоа ќе претставува мотив девојчињата, а и генерално младите да се посветат на наука.

асс. Наташа Димоска

Наташа Димоска, асистент докторанд 

– Сè повеќе девојки се заинтересирани и се запишуваат да студираат технички науки. Тие се доста посветени и постигнуваат многу добри резултати во однос на извршување испитни задачи, проектни и работни активности, односно кон целокупно комплетирање на студиите. Во текот на студиите можам да сведочам дека придонесот и учеството на девојките секогаш бил и е подеднаков со тој на момчињата во насока на организирање на различни студентски настани во рамките на универзитетот, проекти за размена со студенти, практични настава и слично. Тие многу темелно и сериозно пристапуваат кон обврските и одговорностите, па секогаш многу успешно ги завршувале разноразните активности.

Но, секако ако гледаме од аспект на тоа како понатака се вклучени жените во областа на науката глобалните статистиките покажуваат дека иако има многу успешни приказни за научнички, сепак нивниот процент е далеку помал со оној на мажите. Сите позначајни проекти, подобри и поплатени позиции одат во прилог на мажите. Според истражување на STEM Women организацијата во 2019 година испитана е средната вредност по региони во светот на жени вработени во доменот на научни истражувања и развој па нивниот процент е помалку од третина, односно (24 отсто).

Ситуацијата е слична и кај нас. Заложби за родова еднаквост дефинитивно дека има и не само во науката, туку во сите сфери на општеството. Се организираат работилници за студентки и научнички со цел истите да продолжат да се движат по таа насока, да се борат и придонесуваат во истата. Дополнително се нудат бенефиции за вклучување на жените научници во разни финансирани проекти и истражувања, се доделуваат научни стипендии, но сепак реалноста покажува дека сè уште сме далеку од реализирање на посакуваната цел.

Нашиот универзитет е во линија со сите заложби и мотивации кои тежнеат кон вклучување на жените во науката. Прави напори да им дава максимална поддршка и не прави родова дискриминација, но генерално ова прашање е глобално и не може толку лесно целосно да се имплементира. Потребно е да се работи уште повеќе во оваа насока и да се подигнува свеста дека и жените исто како мажите ги имаат истите способности и квалитети кои може и треба да се признаат и искористат кон подобрување на развојот во науката. За да имаме барем некое придвижување кон реализирање на таа цел потребно е постојано да се зборува и потенцира на можностите кои би ги добиле девојчињата/жените од вклучување кон науката. Но и обратно, да се истакнува дека потенцијалот кој го има кај жените може да се искористи и да придонесе за развој и зголемување на подобрувањето во одредена област.

Треба често да се истакнуваат и промовираат успешни примери на научничките кои имаат направено некое значајно достигнување што би служело како мотивација и водилка на девојчињата/жените кои се спремаат да тргнат кон тој пат. Дополнително да се даде можност практично да се вклучат жените во одредени активности, како учество на научни проекти, изработка на научен труд, изведување експеримент, практична имплементација на некоја задача и слично се со цел да може да осознаат што значи да си дел од науката, да се пронајдат во неа и да добијат визија како може тие да придонесат кон нејзино глобално зајакнување.

дипл. инж. Светлана Митреска

Светлана Митреска, демонстратор, инженер за софтверска поддршка

– Сè повеќе жени се одлучуваат на кариера во наука, со тоа расте и конкуренцијата и квалитетот. Дури 52 отсто од научните истражувачи во Македонија се жени, процент кој е еден од највисоките во Европа и кој што потврдува дека се движиме во вистинска насока. Секако, развојот на науката, особено на информатичките науки, придонесува во голема мера. Колку повеќе жени стануваат успешни научници, истражувачи, инженери, толку поголемо влијание ќе имаат на помладите девојчиња, кои што на некој начин ќе имаат идоли кои што ќе ги инспирираат да бидат успешни и да изберат кариера во науката.

Во мојата генерација (јас започнав со студии во 2015) имаше повеќе девојки отколку момчиња. Тоа варира од година до година, но сепак бројот на девојки кои се одлучуваат да студираат на нашиот универзитет е доста висок. Имав шанса и да учам заедно со многу девојки кои денес се доста успешни во тоа што го работат, а и во последно време и да се испробам и како демонстратор на помладите генерации во нашиот универзитет, и токму поради тоа сум среќна што има голем број на девојки кои што се упорни, истрајни, интелигентни, и сум сигурна дека ќе бидат многу успешни во иднина.

Девојчињата треба од мали нозе да се мотивираат за науката. Би било убаво да се вклучени во изработка на помали научни проекти, да имаат пристап до ресурси за да можат да експериментираат во најразлични научни полиња, а и да слушаат приказни од жени кои што се веќе успешни и кои што ќе разбудат интерес во помладите девојчиња.

Сподели