Во рамките на пролетната серија концерти на Вигмор Хол, денеска во 14 часот (британско 13 часот) нашиот пијанист Симон Трпчески ќе одржи матине концерт насловен „Трпчески и пријателите“, во престижната концертна сцена во Лондон.
– Група меѓународни музичари кои претходно работеа заедно на проектот „Македонисимо“, што публиката овде во Вигмор веќе го искуси, овој пат донесува класично дело за квартет со пијано од Јоханес Брамс, плус две необични дела: квинтет од Британецот, македонскиот композитор Панде Шахов, роден во Скопје 1973 година; како и аранжман (автор на аранжманот е Влатко Нушев) на дело од францускиот композитор Гијом Конесон, роден во Париз во 1970 година – вака е најавен концертот.
Овој концерт, на кој сцената со Трпчески ќе ја делат и Ѓорѓи Димчевски на виолина, Сорин Спасиновици од Романија на виола, Александер Сомов од Бугарија на виолончело, Хидан Мамудов на кларинет и Влатко Нушев на перкусии, ќе се пренесува во живо на веб-страницата на Вигмор Хол во HD, а видеото ќе биде достапно 90 дена по датумот на емитување.
Во меѓувреме, издавачката куќа „Лин рекордс“, за крајот на март го најави и излегувањето на првиот самостоен компакт диск за познатата британска етикета на која Симон Трпчески ќе се претстави со дела од Моцарт, Брамс и Бетовен. Ова издание доаѓа по големиот интернационален успех на цедето на кое Трпчески заедно со Јаначек филхармонискиот оркестар од Острава, Чешка и прославениот диригент Кристијан Мачелару од Романија изведуваат програма со дела од Шостакович.